Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Гебрејсус, денеска изјави дека човештвото не смее да се откаже од борбата против коронавирусот.
– Не смееме да се предаваме – рече Гебрејсус, кој призна дека по неколкумесечна борба со коронавирусот, од кој како последица починаа 1,1 милион луѓе ширум светот, постои одреден замор.
Генералниот директор на СЗО ова го изјави ден откако шефот на кабинетот на американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД нема да ја контролираат пандемијата на коронавирусот.
– Еве што ќе направиме. Нема да ја контролираме пандемијата, ќе го контролираме тоа да имаме вакцина, терапија и други средства за ублажување на болеста – изјави шефот на кабинетот на Трамп, Марк Медоус за Си-ен-ен, додавајќи дека вирусот е заразен исто колку грипот.
Гебрејсус рече дека ширењето на вирусот може да се спречи само доколку службените и одговорни лица брзо реагираат.
Според последниот биланс, најмалку 1.155.301 лице починале од коронавирус ширум светот, а повеќе од 43.080.500 луѓе биле заразени.