Министерот за здравство, Венко Филипче, изјави дека мерките за заштита од ковид-19 кои се во Собранието мора итно да се донесат.
– Пратениците да покажат одговорност и што поскоро едногласно да се изгласаат двата пакети мерки за заштита на населението и спречување на понатамошно ширење на вирусот. Барам сите сложно да испратиме порака на единство околу важноста за почитување на мерките. Тие се целосно издржани, базирани на анализите на Институтот за јавно здравје и на меѓународните искуства. Исти или слични мерки во моментов веќе се на сила во сите европски држави – потенцира министерот Филипче.
Тој смета дека нема повеќе време за одлагање, а состојбата со вирусот е сериозна.
– Истовремено им порачувам на граѓаните дека и постоечките мерки и препораки се во интерес на заштита на нивното здравје и мора доследно да се почитуваат. Болниците се полнат и сите треба да сме свесни дека од секој од нас зависи како ќе ја надминеме состојбата. Следат ризичните есенски и зимски месеци и барам високо ниво на свест и почит кон трудот на здравствените работници – посочува Филипче.