Горда мајка и баба и плодна авторка

Драги читатели, денеска во нашата редовна рубрика во која ги претставуваме македонските автори што творат за деца ви ја пишуваме за писателката Славјанка Љуткова. Таа ни доаѓа од родниот град на великиот поет Коста Рацин, каде што живее, работи и твори. Основно и средно образование завршила во родниот град, а вработена е во ЈЗУ Општа болница-Велес. Таа, како што вели, најгорда е што е сопруга, мајка и баба. Токму од топлината на семејството произлегуваат и нејзините дела наменети за најмладата читателска публика. Првите обиди во литературното творештво ги прави уште во ученичките денови, кога активно учествува на разни манифестации, каде што е наградувана со многу награди, признанија и пофалници.
– Сите тие награди ми претставуваа голем мотив уште повеќе да ја негувам љубовта кон литературното творештво. Сега тоа го правам преку активното членување во клубот на писатели „Коста Солев-Рацин“, учествувам редовно на манифестациите „Детски Рацинови средби“ и на „Рацинови средби“ во Велес- со радост ни раскажуваше нашата соговорничка Славјанка Љуткова.
Нејзините песни се објавувани во списанието „Православна светлина“, алманахот „Духовните мостови на ѕвездите“, алманасите на 48. и 49. Рацинови средби, „Поетски пулсирања“ на Друштвото за наука и уметност – Велес.

Учествувала на повеќе значајни културни и поетски збиднувања, како „Бранувања“ – Струга, „Лирски треперења“ – Охрид и други. Текстописка е на песни за музичкиот фестивал „Златно славејче“. Добитничка е на првата награда од емисијата „Семејна палета“ на МРТ, добитничка е на првата награда „Ванчо Николески“-Битола, на деветтоноемвриската награда на Град Велес и на престижната награда на Велес – „Молитвеник“.
Богатата литературна ризница на Љуткова се состои од 13 промовирани стихозбирки: „Немир“, „Искината душа низ книгата на судбината“, „Виножитото на љубовта“, „Копнеж“, „Ткаено шарено торбиче“, „Во вителот на љубовта“, „Симона“, „Откорнати души“, „Ајде да се сакаме“, „Волшебниот свет на детството“, „Синолички“, „Плетенка од песни и смеа за Симона и Матеа“, „Молитвеник“ и „Молитва за молитвеникот“.


Децата во библиотека

Симона и Матеа
весели како бранчиња,
од жива река.
Ајде баба ќе ве води
во убавата библиотека.

Таму има книги
волшебни се тие мили,
остро око, свет што гради,
за стари и млади.

Дечиња мили,
книгата кој ја сака,
таа двојно нов успех му праќа,
секој наш убав жив збор,
желба и зрак носи,
како во приказни,
росата кога роси.

Книгата е волшебничка стара,
одлив, залив е вечна река,
вас Симона и Матеа
нов живот ве чека.

Славјанка Љуткова