Северна: проект на европскиот фашизам (5)

Да се вратиме на Преспа, македонската идентитетска гробница, а проектирана за западните и балканските фараони на злото. Европа и тука во перверзен стил, познат за неа, го подготви преспанското губилиште на начин тоа да личи на доброволно колективно самоубиство на столченото племе, самосогласено да се дотолчи, а европските лидери (и вашингтонските, се разбира) и амбасадори што мислат дека сме идиоти и глупави, само затоа што сме мали и слаби, беа публиката заседната удобно во новообновениот римски колосеум на Нерон и Калигула во Преспа. Нерон и Калигула обновени во нашиот ненаш премиер (и неговиот министер за понадвор), со пенкало-гилотина. Камено дрво, ако треба да се послужиме со фигурата на оксиморонот. Иако тој оксиморон функционира природно во бајките и митовите. Но во Преспа се закочи неговиот природен митски механизам.

Толку. Ама должни сме, драг читателу, да ја разоткриеме докрај перверзијата на ова злосторство, во кое цивилизаторите, современи пилати, си ги измија рацете со тоа што го прикажаа него пред својата во ужасно распаѓање морална свест (а потсвеста?) како доброволно самоубиство на столченото племе. Засекогаш. Оти нема излегување надвор од гробницата на идентитетската гибел и според антрополозите, без исклучок, најстрашната од сите видови на смрт. Тоа, драг читателу. Гледаш конечно дека воопшто не е неправеден насловот на овој наш колумнистички есеј. Тој е само, без анестезија, дијагностички хируршки зафат на болеста и болното ткиво на Европа. Таа болест се вика фашизам, и неа таа ја демонстрира на нас Македонците, па, според тоа, и ние имаме право да ја дефинираме неа од нашето искуство со неа. Оти нека, не се брани таа со фактот дека е наша одлука идентитетската смрт во Преспа. На македонската немакедонска квислиншка влада на Заев и Димитров, најголемите злосторници што се појавиле во неколкумилениумското постоење на Македонците и македонскиот идентитет. Не, нека простат, но тоа не им минува. Преспа беше комбинација на убиство и самоубиство (насилничко, не доброволно какво што е по дефиниција тоа). Францускиот сјаен антрополог Луј Вансен Тома, кого јас често го цитирам, драг читателу, небаре поклоник на филозофијата на индуистичкиот кармизам, вели дека цивилизациите или народите што убиваат друг народ еден ден самите ќе умрат со неговата смрт. Да. Не знам сепак дали тоа кармичко пророштво на овој сјаен Французин, кого во една пригода јас му го препорачав како лектира и на месје Тимоние, ќе се оствари и дали Европа еден ден по Божја казна, а праведно, ќе умре со македонската смрт со која ги уби Македонците во Преспа, но искрено сакам да ѝ се случи тоа. Само тоа можеби ќе може неа да ја прероди морално и етички.

Ми велиш, драг читателу, зошто тоа ѝ го мислам на Вавилонската Дама, оти нели сум христијанин и верник, па треба да му се прости и на убиецот, како што го стори тоа и Христос кога римските (европските) војници му ги забиваа во живото месо клинците на крстот на Голгота. Кога рече „Боже прости им не знаат што прават“. Да. Можеби тие навистина и не знаеја што прават, дека го распнуваат Божјиот Син, ама Европа точно знаеше што прави и зошто го прави тоа со столченото племе. Македонците. А, ти ми велиш како теолог, драг читателу, дека сепак треба и непријателот во духот на Христос да се сака како ближниот и дека сите нешта треба да се решаваат само со љубов. Да. Тоа вистина бил и идеалот на Спасителот, за што тој дал не само теориски како универзитетски професор на „Кирил и Методиј“ туку и конкретни практични докази. Не само на Голгота. Добро. Се согласувам, ама сепак има тука една енигма, тешко одгатлива шифра, која ја среќаваме во Евангелието по Јован, односно во неговата Апокалипса или Откровение, последната книга на Новиот завет и Светото писмо. Па, таму, ако ти е таа во свежо сеќавање, драг читателу, нели се подготвува последната битка со Сатаната и неговите приврзаници во вселената, на Земјата, а јас сега ќе речам и во Македонија на најревносниот Исусов апостол Павле. И нели гледаш таму како е Исус воин со мечот на Правдата и Вистината, ама кој реално сече, и сега од неговата уста словото излегува дури како сечило што е остро и од двете страни, оти ќе мора многу работа да заврши во битката за враќање на божествените вредности на земјата. И во Македонија, се разбира. Тоа и така. Тема наизглед контроверзна, но кристално јасна во своите парадокси и широка како безбрежно море. А има нешто не толку наивно, туку глупо наивно во напорот на Европа (реков онаа на колонизаторите), заслепена во својот ариевски цивилизациски супрематизам да го скрие својот фашистички нарав. А како може да го стори тоа, и кај може да ја скрие неа освен, фројдовски, во својата потсвест, ама пак видлива со голо око и покрај сета своја замаскираност и шифрираност. Оти, сепак, тие шифри не се ни староегипетските хиероглифи, ни апсолутно херметичкото клинесто писмо на Асировавилонија. Македонскиот пример со Преспа е архетипален на тој план.

Европа идентитетското убиство на Македонците го прикажа, правејќи нè глупави, како цивилизациски чин (Боже мил!!!), со кој влеговме во политборделот во групен секс со посилните и перверзните во Брисел и во посветла иднина во замена за украденото минато целокупна неколкумилениумска меморија. Почитливо здравје. И уште едно такво демаскирање на европската потсвест во врска со криењето на нејзиниот фашистички нарав. Тој пример е фрапантно ексклузивен. Веќе рековме, станува збор за преименување на Денот на победата над Хитлеровиот и германски фашизам (кој како што видовме потоа се покажа и како европски), 9 Мај, во Ден на Европа. Демек Европа го победила фашизмот засекогаш и, нормално, како светец во олтарот на црквата си го става ореолот околу своето чело. Ама која е тука, покрај другото, перверзијата на Европа, по која е позната, драг читателу? Оти и тука се мисли само на неколкуте нејзини моќни членки (Черчил мислеше само на Британија) што го тормозат колонизаторски сиромашниот свет, но не, на пример, и на македонските асномски партизани. Оти и тука бриселските политбирократи, како што стојат работите со нивното притискање за реализација на договорот со нашиот источен сосед, по сè изгледа дека повеќе мислат на бугарските фашисти отколку на нив. И повеќе од сигурно. Или на албанските балисти и грчките монархофашисти кои со еврототемот Черчил, за нас монструм, ги чистеа геноцидно Македонците од родните огништа, сосе гробовите на предците на рамо, од Егејска Македонија. Туку де не ја изгубиме од предвид можеби и главната поента на преименувањето на Денот на победата против фашизмот во Ден на Европа, а тоа е истиснување на Русија и Русите од таа победа, кои за неа положија над 27 милиони драгоцени жртви.
Тоа. Да пукнеш. Да полудиш, а не ти е дозволено ни тоа од Брисел и Вашингтон, планетарните орвеловци. Туку при крај сме, драг читателу, оти подобро е да седнам и да напишам една книга, може и неколку, за западниот фашизам, отколку да ја терам епски долго оваа колумна, иако знам дека Александар Димковски, како и досега, оти и тој ја боледува истата болка како јас и ти, нема да ми замери за тоа. При крај сме, а јас сакам да потенцирам уште еден факт што ја расветлува многу јасно преспанската идентитетска ликвидација (и со пенкалото на другарите од централното политбиро Заев и Димитров, алијас Сталин и Берија) на Македонија и Македонците.

Имено, неодамна беа обелоденети и на интернет тајните документи на бившиот шеф на ЦИА Ален Далас, во кои се говори за планот на оваа сатанистичка организација за обезличување и уништување на словенскиот свет. Словените. Станува збор и за методите со кои треба да се направи тоа. Тука се и таканаречените невладини организации: користени за тоа и плаќани од Сорос и УСАИД, како и од некои тајни европски фондови. Украински Мајдан е нивен резултат. Но тие исто така завршија и голем дел од преспанската идентитетска ликвидација кај нас. Да. И прва колективна жртва, во тоталитет, од тој сатанистички план на Ланс и неговата организација со идентитетското усмртување, како што се виде, е Македонија. И не случајно, без разлика што таа е најмала и најранлива во словенскиот свет. Да. Но постојат повеќе параметри што ја прават неа во целокупната историја и меморија на словенството и најважна. Средишна. За тоа сум пишувал, како што знаеш, драг читателу, и се подразбира зошто е тоа и таква. Имено, затоа и во тој деструктивен документ на ЦИА и Ланс Македонија е означена како чудото.
Е, тука би сакал сега да се самозапрашам што мисли за тоа матушка Русија. Го знае ли тоа? А ако го знае, зошто не влече некои потези во тој правец, без разлика што нашиот бивш претседател Ѓорге Иванов (популарниот Хорхе) маестрално го изигра Путин и руската идеја да се постави проблемот со нашиот идентитетски геноцид во Преспа во ООН, кај оној Португалец, кој како да е внук на Салазар прв го поздрави него, како да не знае дека со тоа е поништен првиот член јус когенс на таа организација, кој го гарантира личното и колективно право на идентитетско самоопределување, свест и убедување. Што значи исто така гест, акт, кој се вклопува во рамката на западниот супрематистички, ариевски фашизам.

Нели, господине Гутиереш? Ве повикувам да го објасните вашиот гест, а тоа значи и јавно пред светот, како Вили Брант на Евреите, да им се извините на Македонците што удривте царски печат врз нивниот геноцид во Преспа. Така. Дигресија до дигресија, но да не ја изгубиме во овој контекст од видното поле матушка Русија. Древната Рус на Киев, каде што се случи покрстувањето на Русија од страна на свештеници од Македонија (Охридската архиепископија), повикани за таа цел од киевскиот кнез Владимир, и кои си ја завршија одлично работата. За да не мислиш дека претерувам, за тоа пишуваат познати слависти и историчари, драг читателу. И што тука сега итно, според мене, ако не е нескромно тоа, треба да преземе големата словенска матушка. Прво, кон Македонија, таа треба итно да ја признае МПЦ, која во минатото изврши историска цивилизациска мисија кај неа. Тука го оставам настрана сегашниот конфузен и калпав нејзин синод, кој, како што се покажа тоа со неговото барање на својот извор во Бугарската црква, без свест за својата длабока генеза затемелена во првата Христијанска црква во Европа на апостол Павле и Лидија Македонката. Тоа. Оти нека не се однесува синодот на Руската црква кон Македонија безмалку со анатема, како што се однесе впрочем и кон Толстој, кој беше стопати побожествен и похристолик од него. Оттука да почне, па натаму. Оти сега Русија е повикана да ја изгради одамна разнишаната словенска кохезија како противтежа на англосаксонската, на железната западна империја, која гази и крши сè пред себе и треба да ѝ се застане на патот. Ако не, светот ќе го голтне црна дупка.

А и Словените, ако не се обединат заради некој фашизоиден трибализам по примерот на Англосаксонците на Черчил (не на Шекспир), туку заради сопствена одбрана. Оти грчкиот поет Константин Кавафис рече дека и „варварите се некое решение“. Да. Тие се покажаа, парадоксално, во ликот на Европа како решение за неговата Грција и за неговиот до небо ариевски супрематистички хеленизам, но не и за Македонците. Напротив, тие кај нив во Преспа донесоа смрт. Ништо друго. Никаква ЕУ-иднина и НАТО-сигурност. Тоа е тоа, драг читателу. Варварите не се за нас решение само затоа што не сме варвари. Во исклучок: рековме, ние сме ставени во идентитетска гробница, запечатена со каменот на западните цивилизатори. Ама јас знам дека еден ден, како што се случи тоа и со каменот од гробницата на Исус третиот ден по Голгота, Ангелот Господов ќе го крене каменот и од нашата гробница, оти сме богољубив народ, со кој и апостол Павле повте да се фали пред Создателот.

Можеби тоа нема да се случи така брзо како со Христос за три дена. Нормално. Но ќе се случи макар и по три столетија. Ќе се случи, и Македонците праведно ќе ја победат смртта, оти и таа како и смртта на Спасителот е полна со атомите во чии електрони блеска огнот на воскресението. На животот. Не. Тоа не е празна екстаза, драг читателу. Оти, сети се само по колку погроми воскреснувала макар и со рани Македонија. И пак ќе воскресне. За радост не само за Македонците туку и за целиот понижен и онеправдан свет. Господ, а не Вашингтон, ЦИА, Тиранската платформа (со американско генеричко потекло) и борделска бриселска ЕУ, има план за неа. И повеќе од сигурно е тоа. Оти не е мртов законот на вечното враќање за кој говорат Шопенхауер и Ниче, а први го открија Халдејците и Индусите. И пак сè ќе си дојде на своето место.

(крај)