„Скриеното богатство на Македонија“ во Дубровник
Изложбата „Скриеното богатство на Македонија – убавина што не познава граници“ на авторката Бранка Хајдиќ е отворена на 23 септември во Житница Рупе, во Дубровник. Дубровничките музеи со оваа изложба ја претставуваат богатата текстилна, но и друга граѓа, собрана на подрачјето на Македонија на преминот од 19 во 20 век и во текот на 1950-тите и 1960-тите години, која како дел од колекции или музејски збирки била зачувана во Дубровник.
Изложбата е дел од проектот за зајакнување на меѓуинституционалната и меѓународната соработка со Македонија, како и за истражување на текстилното ракотворство и неговите трансформации, кое преминува во различни културно-историски настани. Со тоа се сака да се истакне придонесот на хрватските истражувачи во собирањето, заштитата и презентацијата на македонските народни носии како национално културно наследство и заедничко добро на сите словенски народи на подрачјето на Југоисточна Европа.
Претставени се највредните примероци на македонската традиционална облека и вез, кои во дубровничките музеи пристигнале со собирачката работа на Јелка Миш, како и со донацијата на Комисијата за културна соработка на Федеративна Народна Република Југославија. Од музејските експонати, на изложбата можат да се видат и вредни примероци од фундусот „ФА Линџо“, како и на приватни колекционери.
Стручни соработници на изложбата се музејската советничка од Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј во Битола, Наде Геневска Брачиќ, етнологот Владимир Јаневски и кустосот Ивица Кипре, додека поставката на изложбата ја потпишува вишата кустоска Ивона Михл. Изложбата ја отворила заменичката на градоначалникот на Град Дубровник, Јелка Тепшиќ, а за посетителите е отворена до 6 декември.