Ресиси милион евра открила полицијата во автомобил што се поврзува со Драган Ковачевиќ, неодамна уапсениот шеф на компанијата „Јадрански нафтовод“ („Јанаф“).
Загрепската ТВ „Н1“, која се повикува на неофицијални информации потврдени од повеќе извори, наведува дека милион евра биле пронајдени во автомобил што се поврзува директно со Драган Ковачевиќ, а бил паркиран во Самобор.
Автомобилот бил паркиран на адреса на еден од познајниците на неодамна уапсениот директор на „Јанаф“.
„Н1“ неофицијално дознава дека се верува оти оваа сума е токму делот од митото што го примил Ковачевиќ, но ниту полицијата ниту Канцеларијата за сузбивање на корупција и криминал (УСКОК) не сакала да ја потврдат оваа информација.
Според неофицијални информации од претходно, Ковачевиќ ден порано дознал дека ќе биде уапсен, па се обидел да ги прикрие доказите.
„Јутарњи лист“ пренесува дека Ковачевиќ го замолил својот познајник Деан Шпаравац, еден од директорите на компанијата „Алфа стан“, да му дозволи да го паркира својот автомобил во гаражата на неговата вила во Самобор.
Во тој автомобил наводно и била пронајдена големата сума пари во разни валути, во вкупен износ од речиси еден милион евра, како и документацијата што Ковачевиќ сакал да ја скрие.
Шефот на „Јадрански нафтовод“, Драган Ковачевиќ, неодамна беше уапсен заедно со уште десет лица под сомнение дека бил дел од корупциски скандал што ја тресеше Хрватска последниве денови.