Фудбалерите на Шкендија му пружија отпор на англиски Тотенхем, но сепак беа елиминирани 1-3, откако ѕвездите на лондончани Сон Хјунг-Мин и Хари Кејн ги постигнаа одлучувачките голови во последните 20 минути од средбата одиграна вечерва во Скопје, во рамки на третото квалификациско коло за Лига Европа.

Тотенхем доминираше во првото полувреме во кое поведе преку Ерик Ламела во 5-та минута, но Валмир Нафиу го изедначи резултатот со удар од далечина во 55-та минута.

Менаџерот на гостинската екипа Жозе Мурињо потоа ги внесе во игра Џовани Ло Челсо, Лукас и Хари Кејн по што Тотенхем успеа со погодоците на Сон во 70-та минута и Кејн во 79-та минута да дојде до понатамошен пласман.

Одличниот крилен напаѓач Сон беше играч на мечот на кој се запиша во листата на стрелците, а забележа и две асистенции при останатите погодоци на Тотенхем.