Балканските земји претстојниот викенд ќе се соочат со најголемиот промет на патници, но во исто време тоа претставува и најризичниот период за ширење на коронавирусот. Поради поголемото присуство на луѓето во туристичките места, но и поради прославата на Курбан-бајрам, епидемиолозите предупредуваат дека регионот викендов е изложен на потенцијална „епидемиолошка бомба“ и затоа препорачуваат засилена контрола на граничните премини и задолжително придржување на препораките за заштита од вирусот.
Загреб – На граничните премини за влез во Хрватска вчераутро е забележан поголем промет на возила што пристигнуваат од Словенија. Според податоците од системот е-визитор, во моментов во Хрватска има 760.000 гости, од кои 126.000 се домашни, а најмногубројни се странските посетители од Германија. („Индекс“)
Сараево – Поради епидемиолошката состојба, по повод Курбан-бајрам, од Исламската заедница на Босна и Херцеговина се издадени посебни инструкции за извршувањето на верските обреди. („Аваз“)
Белград – Поради епидемијата во верските објекти во Белград и во Србија имало помалку верници на утринските молитви. Сите присутни верници морале да носат маски, а молитвите траеле кратко време. (РТС)
Подгорица – Прославата на Курбан-бајрам во Црна Гора почнала без клањање за бајрам-намаз во џамиите, а мешихатот на ИВЗ на ЦГ одлучи џамиите да бидат затворени за муслиманскиот празник. („Анадолија“)