Пазарните инспектори затворија ресторан во Тетово, откако вчера, таму се одржала свадба која ја организирал угостителот.
Ресторанот има забрана за работа од инспекторите, кои со лента го запечатија влезот, се до донесување на протоколи за организирање на свадби. Инспекторите составиле и записник за постапувањето спротивно на здравствените протоколи во време на пандемија, по што, ќе биде поднесена и соодветна пријава.
Ова е трет објект во неколку денови, што инспекторите го затвораат поради организација на масовни собири во време на пандемија.
Претходно, инспекторатот донесе решение и го запечати струмичкиот клуб „Аватар“ за кого поднесе и кривична пријава, поради забавата која беше организирана, иако и натаму е активна забавата за работа на ноќни клубови.
Ден потоа, затворен беше и базенот во Виница, каде со гласна музика исто така се организираше забава, во денови кога во Македонија имаше рекорден број на заразени на дневно ниво.
Пазарниот инспекторат веќе најави дека во периодот кој следува, па се до донесување на протоколите за работа, сите ноќни клубови, но и објекти каде се одржуваат забави, ќе бидат веднаш затворани и гонети пред надлежните органи.