Претседателот на партијата Единствена Македонија, Јанко Бачев и предводник на коалцијата „Никогаш Северна-Само Македонија“ поднесе барање до ДИК за поништување на изборите одржани на 15 јули при што обвини за изборен фалсификат.Тој рече дека преку овој документ бара рачно пребројување на ливчињата и оставка на членовите на Државаната изборна комисија.
– Со Заклучокот на ДИК број 08 – 1966/1 од 16 јули 2020 е утврдено дека постојат 1.814.236 гласачи а гласале 942.334 гласачи. Ако од 1.814.236 гласачи се одземат 942.334 гласачи се добива бројката од 871.902 лица кои не гласале, што значи дека толку треба да биде бројката и на неупотребуваните гласачки ливчиња. Но, според напред наведениот заклучок на ДИК, бројот на неупотребуваните гласачки ливчиња изнесува 869.889 што значи дека недостигаат 2.013 ливчиња. Каде се!? Тука се, ама со нив е правен фалсификатот преку т.н. бугарски воз – изјави Бачев.
Тој ја повика ДИК на одговорност и за бршењето на името од гласачките ливчиња на нивата коалиција „Никогаш Северна – само Македонија“. Според него недозволиво е бришењето името во последен момент пред печатењето на гласачкиот материјал, бидејќи при поднесувањето на листата во ДИК се заведени под ова име.
– Практично ние на изборите настапивме како безимен субјект без да се наведе покрај редниот број во гласачкото ливче и називот на нашите листи: „Никогаш Северна – само Македонија“, како што било кај останатите учесници на изборите. Дотолку повеќе, дваесетдневната предизборна кампања ја водевме со називот „Никогаш Северна – само Македонија“, така не препознаа бирачите, така не претставуваа и медиумите пред избирачите, а до самиот изборен ден и во изјавите од ДИК до јавноста бевме така најавувани. Но, во последен момент при печатењето на гласачките ливчиња се прави недозволиво бришење на називот на нашите листи: „Никогаш сверена – само Македонија – изјави Бачев.
Според него недоволниот капацитет на оваа институција се темели и на фактот како што рече дека не ги распределила гласовите како што треба, а сомнеж во целиот процес на пребројување фрла и моментот со паѓањето на серверот на нивната веб-страна.
– После завршувањето на изборите и евидентирањето на гласовите од страна на ДИК, целата јавност виде дека од ДИК погрешно се распоредени дури 80.000 гласови. Патем, индикативно е што „падна“ менито/категоријата на веб-страната на ДИК – изборни резултати, која остана невидлива за јавноста при прикажувањето на резултатите како пристигнуваат од избирачките одбори, а веб-страната на ДИК во останатиот дел беше функционална, иако не може да падне само поддомејн/едно мени/категорија, а во останатиот дел веб-страната да остане функционална – вели тој.
Што се однесува до приговорите кои ги поднесе оваа коалација, за бришењето на името и за увид во неважечките ливчиња, ДИК ги информирала дека сите приговори од политичките субјекти, вклучително и нивните ќе ги разгледува на првата седница која се очекува да ја закаже в понеделник. Доколку не се уважат нивните приговори, Бачев најави дека правдата ќе ја бараат пред надлежните судови.