Во летното предвидување објавено минатата седмица, Европската комисија ги измени своите предвидувања од почетокот на годината и даде посериозни прогнози за економијата на ЕУ во 2020 година. Првично очекуваното намалување на економијата на ЕК од 7,4 отсто, сега се зголеми на 8,3 отсто
Стравувања на ЕК од вториот бран на пандемијата
Европската комисија ги ревидира своите предвидувања за еврозоната за 2020 година и предупреди дека нештата може да се влошат ако вториот бран на пандемијата доведе до нови рестриктивни мерки. Со вакво ново предвидување излезе неодамна „Политико“, во кое магазинот, повикувајќи се на информации од ЕК, наведува дека првично очекуваното намалување на економијата од 7,4 отсто сега се зголеми на 8,3 отсто, што е за еден процентен поен полошо од предвидувањата на европскиот врв на почетокот на мај.
Во меѓувреме оваа ревизија е помалку драматична од предвидувањето, пак, на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) од пред две недели, каде што оваа меѓународна институција предвидува намалување дури до 10,2 отсто на БДП во еврозоната кај 19 држави. Во исто време ова е дополнителен притисок за европските лидери да го поддржат гласањето закажано за идната недела за новиот договор за економска обнова од 750 милијарди евра, познат и како „Нова генерација на ЕУ“, предложен од страна на комисијата, наведува „Политико“.
– Ќе продолжиме да се бориме со кризата и да се соочуваме со многу ризици, меѓу кои и новиот бран на зарази. Барем ова предвидување е моќен приказ, зашто ни е потребен договор за нашиот амбициозен пакет мерки за економска обнова, како „Новата генерација на ЕУ“ – изјави извршниот потпретседател Валдис Домбровскис.
Комесарот за економија Паоло Џентилони за време на прес-конференцијата минатата недела додаде дека „сега почнува претпазливиот процес на економско закрепнување“, но предупреди дека влијанието на корона-кризата и натаму ќе биде поголемо во некои држави.
Неговата држава Италија се соочува со најлоши прогнози од сите членки, со тоа што економијата е намалена за 11,2 отсто, а веднаш зад неа се Шпанија со намалување од 10,9 и Франција со 10,6 отсто. Надвор од еврозоната, Хрватска, која во ЕУ најмногу зависи од меѓународниот туризам, се соочува со 10,8 отсто пад во економијата.
– Ризикот од зголемените разлики беше токму причината зошто го предложивме заедничкиот план за обнова. Сега овој аргумент игра огромна важност – истакна Џентилони.
Владите не се согласуваат колку пари државите треба да добијат во грантови и во заеми и под какви услови ќе се одвива исплаќањето. Предвидувањата на комисијата не го вклучија ефектот на стимулот од договорот за обнова. Таа предупреди на ризик од невработеност и на можен недостиг од парични средства за нормално функционирање на компаниите. Едно е сигурно, а тоа е дека фондот претставува голем чекор напред во развојот на ЕУ.