Кинеската социјална мрежа „Тик ток“ за неколку дена го напушта пазарот во Хонгконг, најави портпаролот на компанијата за „Ројтерс“, додека другите технолошки компании, вклучително и „Фејсбук“, го прекинаа процесирањето на владините барања за пристап до податоци во Хонгконг.
Апликацијата во сопствеништво на компанија со седиште во Кина, „БајтДенс“ одлучи да го напушти Хонгконг по воведувањето на законот за национална безбедност.
– Во светло на неодамнешните случува одлучивме да ја прекинеме операцијата на апликацијата „Тик ток“ во Хонгконг – рекол портпаролот на „Тик ток“.
Компанијата, која моментално ја предводи поранешниот директор на „Волт Дизни“, Кевин Мајер, претходно порача дека податоците на корисниците на апликацијата не се зачувани во Кина.
„Тик ток“ исто така соопшти дека нема да се согласи со барањето на кинеската влада за цензурирање на пристапот на апликацијата или за пристап до податоци на корисниците на ТикТок. Тие исто така додаваат дека никогаш не добиле такво барање од кинеската влада.
Минатиот август, „Тик ток“ соопшти дека привлекол 150 илјади корисници во Хонгконг.
Глобално апликацијата „Тик ток“ е инсталирана над две милијарди пати на мобилен, покажуваат податоците на компанијата за аналитика „Сензор Тауер“.