По паузата поради пандемијата на коронавирусот, проектот „Ново име“ успешно е продолжен во Македонија, а за најмногу гласови во третиот, повратнички циклус успеа да се избори Антониј Ристески, млад диџеј од Охрид.
Музиката и овој месец освои победа, а за Антониј ова беше втора среќа, имајќи предвид дека во претходниот круг на гласање, во текот на февруари, загуби од тогашниот победник – Влатко Иљачев, кого талентот за пеење и пишување балади го доведе до титулата второ ново име во Македонија.
Инаку, проектот „Ново име“, кој во целост го реализира компанијата „ХТЛ Македонија“, а шанса за унапредување на своите таленти и знаења од областа на уметноста, културата, науката и спортот имаат сите млади што своите пријави ги испратија во март, а кои беа валидни, и со самото тоа ги задоволија критериумите да се најдат пред публика.
– Желба ми е да настапувам на „Тумороуленд“ и таму да ги запознаам големите светски диџеи, но, сепак, најголем сон ми е да остварам меѓународна кариера, мојата музика да го освои светот – вели осумнаесетгодишниот Антониј Ристески, кој веќе три години е вистински вљубеник во звуците на електронската музика.