Едно од последните истражувања на јавното мислење покажува поразителни резултати. На пример, на прашањето дали се загрижени дека можеби без да знаат го имаат и го шират вирусот, дури 45,5 отсто од испитаниците одговориле дека не се загрижени. Замислете, речиси секој втор човек на улица нема грижа на совеста дека можеби несвесно го шири вирусот. Социолошки тоа не може да се нарече поинаку, освен себична и неодговорна личност. Со ваков пристап и однос кон колективното здравје не постои стратегија што некој може да ја смисли за да нѐ заштити нас, од нас самите
Носење заштитна маска, држење дистанца и редовно миење на рацете со користење дезинфекциски средства, се трите основни мерки, кои треба да бидат брана во процесот на ширење на коронавирусот. Оваа мерка министерот за здравство Венко Филипче уште пред два месеца ја нарече „свето тројство“ со кое ќе треба да се живее уште долго. Освен маската, дистанцата, а особено миењето на рацете, е нешто што треба да биде нормално за секој што води грижа за сопственото здравје и лична хигиена, без разлика дали постои некаква пандемија, зараза или, пак, нема ништо од тоа.
Но токму овде, по сѐ изгледа дека голем дел од граѓаните потфрлија.
Кога сите очекуваа дека ковид-19 полека исчезнува од Македонија, се случи токму она што никој не го посакуваше. Вториот бран предизвика кулминација на бројот на заразени и само за една недела беа заболени колку за два месеца во првиот бран. Причини веројатно постојат повеќе, меѓу нив можеби има и погрешни стратегии и одлуки на државните и здравствените власти, но несомнено една од главните причини за ширење на заразата е и односот на граѓаните. Македонското општество, или дел од него, уште еднаш покажа дека нема висока свест за колективната и општествена одговорност. Индивидуалниот егоизам повторно е многу поголем од заедничката грижа за колективното здравје.
Да, државата е заедница на свесни и слободољубни индивидуи, но не е и не може да биде заедница на несовесни и себични поединци, особено кога станува збор за општествената одговорност кога се загрозени столбовите на заедницата. Ако не постојат општествена одговорност и колективна грижа за заедничкото, не може да постојат ниту индивидуална сигурност и безбедност. Колективното здравје е столб на заедницата, исто како што безбедноста и сигурноста се столб во општеството. Во држава на заразени, никој не може да се чувствува како здрава индивидуа, ниту како безбедна личност.
Но има ли кој да го разбере тоа? Што треба да се случи за да проработи општествената свест кај некои поединци? Дали таквото однесување е можеби и поради недовербата во институциите на системот?
Не треба многу за да дојдете до заклучоци дека нашето општество, како по правило, во кризни ситуации се претвора во општество на отпор. Доволно е само да прошетате неколку часа низ улиците на главниот град, да испиете кафе во некое кафуле, да поминете низ парковите. Во тие неколку часа ќе ја видите сликата на неодговорноста. И тоа на оние од кои се очекува поголема свест, лица на возраст од 20, па до 50 години, кои треба да бидат пример за помладите генерации.
Едно од последните истражувања на јавното мислење покажува поразителни резултати. На пример, на прашањето дали се загрижени дека можеби без да знаат го имаат и го шират вирусот, дури 45,5 отсто од испитаниците одговориле дека не се загрижени. Замислете, речиси секој втор човек на улица нема грижа на совеста дека можеби несвесно го шири вирусот.
Ако на тоа се додаде и податокот дека 10 отсто од испитаниците воопшто не веруваат дека вирусот постои, тоа го објаснува последниов пораст на бројот на нови случаи на заразата, но укажува и на несоодветноста на очекувањето на Владата сите да ги почитуваат мерките.
Колективното здравје е столб на заедницата, исто како што безбедноста и сигурноста се столб во општеството. Во држава на заразени, никој не може да се чувствува како здрава индивидуа, ниту како безбедна личност
Социолошки тоа не може да се нарече поинаку, освен себична и неодговорна личност. Со ваков пристап и однос кон колективното здравје не постои стратегија што некој може да ја смисли за да нѐ заштити нас, од нас самите.
Ако се бараат причините за таквото однесување, социолозите ќе речат дека вината е во ширењето голем број непотврдени информации, во лажните вести за коронавирусот. Но тука повторно е на тест индивидуалниот капацитет на личноста, да верува на тоа што ќе го прочита на интернет, или на сопствениот инстинкт дека опасноста е овде и тука, нешто што е видливо и опипливо, наспроти фикциите напишани од некого некаде за тастатура.
Во светот можат да постојат и теории на заговор, можат да постојат и дилеми како и од каде дојде ковид-19, можат да постојат и анализи и дебати дали мерките што се преземале, се преземаат и ќе се преземаат се соодветни или, пак, не, но не може да постои оправдување за инфериорност, за ноншалантност, за себичност, за отпор.
Ресен е можеби најдобриот пример деновиве.
Тоа беше единствениот град во кој во три и пол месеци немаше ниту еден случај на заразен од ковид-19. И таму многумина веројатно мислеле дека корона не ги бие…
Од првиот случај пред три дена, сега има 24 заразени и, за жал, едно починато лице.
До нас е, до сите нас…