ФУДБАЛ – ГЕРМАНИЈА

Борусија Менхенгладбах во 1975 година и Штутгарт во 2003 година имаа по 16 меча во низа без да води противникот, а Баерн во саботата застана на 14 такви средби по ред, пишува „Кикер“

Баерн победи на гостувањето кај Баер во Леверкузен, со 4-2 ,во меч од фудбалската Бундес-лига и дојде многу блиску до освојување на осмата титула во низа во Германија. Со триумфот и четирите гола, Баерн се доближи до нови рекорди, но поради тоа што победата ја оствари со пресврт, стар рекорд на Бундес-лигата останува недопрен, објави германскиот дневен весник „Кикер“ на својата интернет-страница. Тоа е рекорд на мечеви во низа без да води противникот.

Изненадувачки, овој рекорд во Бундес-лигата не го држи Баерн, туку два други клуба. Помеѓу 1974 и 1975 година Борусија Менхенгладбах забележа 16 натпревари по ред во Бундес-лигата без да заостанува зад противникот, како и Штутгарт во 2003 година.
Баерн неодамна се приближи до овој рекорд, но во Леверкузен запре на 14 такви натпревари, откако Баер поведе во деветтата минута. Подоцна Баерн постигна четири гола во низа, пред Баер да го постигне вториот гол. Тренерот на лидерот, Ханси Флик ги пофали ставот и менталитетот по водството на противникот.

Сега на Баерн му требаат две победи од последните четири натпревари сезонава за да стане шампион. Во тие дуели ќе се брка рекордот за вкупно голови во една сезона. Досега Баерн постигна 90 погодока на 30 натпревари, а рекордот го држи Баерн од сезоната 1971/1972, со 101 погодок.