Битолчани кои себеси се доживуваат како граѓани на конзулска Битола никако не се менуваат и што е најлошо, не ги менуваат ни своите навики.

Само што јавното комунално претпријатие, кое во изминатите неколку дена посади илјадници цвеќиња на бројни зелени површини во градот, некои несовесни битолчани откорнаа над 700 садници и истите си ги пресадија во своите домови и дворови.

– Просто не ми се верува кога целосно го разубавивме градот со свежи цветни аранжмани и кога посадивме илјадници цвеќиња во голем број зелени градски површини и паркови, некои несовесни граѓани преку ноќ украдија над 700 садници. Вработените ме прашуваат како да се однесуваме понатаму? Ние, им реков, ќе продолжиме да садиме цвеќиња и да апелираме до несовесните граѓани истите да не ги корнат. Дури сме подготвени на сите битолчани кои што ќе донесат саксии во нашето претпријатие, ние да им посадиме цвеќиња, само да не ги корнат цвеќињата од јавните зелени површини – вели Панде Богоевски, директор на ЈП „Комуналец“.

М.М.