Тел Авив – Кина ќе испрати специјален тим за да ја испита смртта на амбасадорот во Израел, чие тело беше пронајдено завчера во неговата резиденција во Тел Авив, јавуваат израелските медиуми. Амбасадорот Ду Веи (57) беше пронајден мртов во својот кревет и се чини дека починал во сон. Неговата сопруга и синот не се во Израел. Ду беше назначен за амбасадор во февруари, во времето на пандемијата на коронавирус, а претходно беше амбасадор на Кина во Украина. Во првичните извештаи беше наведено оти Ду бил пронајден од неговиот помошник и оти на телото немало знаци на насилство. Израелската служба за итни случаи соопшти дека причината за смртта е срцев удар.
Ерусалим – Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во парламентот, пред да положи заклетва неговата нова влада, изјави дека „е време“ за анексија на делови од окупираниот Западен Брег. Врз основа на коалицискиот договор за поделба на власта помеѓу Нетанјаху и неговиот поранешен ривал, сега партнер Бени Ганц, за 1 јули е предвидена презентација на стратегија за спроведување на американскиот план за решавање на израелско-палестинскиот конфликт. Палестинците го отфрлија планот што предвидува анексија на Израел на Јорданската долина и еврејските населби на Западниот Брег, палестинска територија окупирана во 1967 година.
Будимпешта – Владата на Унгарија ќе достави предлог до парламентот на 26 мај за укинување на овластувањата за вонредни состојби наметнати поради пандемијата на коронавирус, најави шефот на кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан. Гергели Гулијас го наведе истиот датум што Орбан го назначи претходно минатата недела. Гулијас рече дека ќе бидат потребни неколку дена парламентот да го усвои предлогот со кој ќе завршат вонредните овластувања. Тие наидоа на големи критики од опозицијата, невладините организации и од ЕУ.
Вашингтон – Американскиот претседател, Доналд Трамп изјави дека неговиот претходник Барак Обама бил многу неспособен шеф на Белата куќа, со што одговори на неговите индиректни критики дека не знае како да ја води земјата во време на здравствена криза. На враќањето од Кемп Дејвид, каде што престојуваше викендот, Трамп рече дека не го видел говорот на Обама. Обама, чија популарност е сè уште поголема од онаа на Трамп, во својот говор директно не го спомна актуелниот претседател, но рече дека сегашната администрација не знае да се справи со пандемијата на ковид-19.