Нуклеарните сили во 2019 година потрошиле рекордни 73 милијарди долари на нуклеарно оружје, речиси 10 отсто повеќе од претходната година, објави денеска Меѓународната кампања за забрана на нуклеарно вооружување.
На САД им припаѓа речиси половина од вкупната нуклеарна потрошувачка, додава организацијата со седиште во Женева, која во 2017 година доби Нобелова награда за мир.
Американскиот буџет, кој вклучува истражување на нуклеарното вооружување и систем за нивно лансирање, пораснал минатата година за 5,8 милијарди долари и изнесува вкупно 35,8 милијарди долари.
Потрошувачката на Кина, Велика Британија, Русија, Франција и Индија растела по многу помала стапка, а останала иста во Израел и Северна Кореја.
Се верува дека Израел поседува нуклеарен арсенал, но тоа никогаш јавно не го потврдил.
Пакистан е единствена нуклеарна сила која лани потрошила помалку, пишува во извештајот на организацијата составен на темел на јавно достапни податоци и проценки на воените буџети.
Меѓународната кампања за забрана на нуклеарно вооружување е главна невладина организација која се залага за Договорот за забрана на нуклеарно вооружување од 2017 година, кој го потпишаа 81 држава.