За првпат од 10 март, Словачка нема нов случај на инфекција со коронавирус, според официјалните податоци на владата.
Во таа земја со население од 5,5 милиони жители, генерално има помалку случаи на инфекција со коронавирус, како и помалку смртни случаи отколку во соседните земји.
Според официјалните податоци, вкупно 1.455 лица биле заразени со коронавирус, 26 пациенти починале, а досега заздравеле 919 лица.
Владата во средата ги отвори сите продавници надвор од трговските центри, како и хотелите, музеите, галериите и другите туристички атракции на отворено, и дозволи верските служби и свадби да се одржуваат со ограничен број гости.
Но, училиштата сè уште се затворени и патување надвор од државата сè уште не е можно. Секој што пристигнува од странство мора да помине 14 дена во државен карантин.