Претседателот на САД Доналд Трамп изјави денеска дека е во тек уништување на четири големи локации за изведување на нуклеарни проби во Северна Кореја и оцени дека „процесот на целосна денуклеаризирање веќе почнал да се одвива”.
– Тие престанаа да испраќаат ракети, вклучувајќи ги и балистичките ракети. Тие го уништуваат нивниот полигон за тестирање на ракетни мотори. Тие го креваат во воздух. Веќе разнесоа едно од своите големи локации за тестирање, всушност тоа се четири големи места за тестирање. И голема работа е дека тоа ќе биде целосна денуклеаризација, која веќе почна да се одвива – рече Трамп, обраќајќи се на неговиот кабинет во Белата куќа.
Американскиот министер за одбрана Џејмс Матис, прашан во средата дали Северна Кореја нешто направила кон денуклеаризацијата од самитот меѓу Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун на 12 јуни во Сингапур, им рече на новинарите дека „не знае ништо за тоа.”
-Тоа, всушност, е крајот на процесот. Деталните преговори не започнаа. Не би го очекувал тоа во овој момент – рече Матис.
Тој денеска седеше веднаш до Трамп на состанокот на кабинетот.