Претседателот Стево Пендаровски оствари телефонски разговор со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Во телефонскиот разговор претседателот Пендаровски му се заблагодари на генералниот секретар за топлото и искрено добредојде за Македонија во НАТО истакнувајќи дека членството во најголемата безбедносна алијанса за нас е поттик за натамошен развој и значен придонес кон стабилноста, безбедноста и просперитетот на сегашните и идните генерации.
Претседателот Пендаровски го информира генералниот секретар Столтенберг за состојбата со спречување и справување со последиците од пандемијата на ковид-19 во Македонија и активностите што се преземаат од страна на надлежните институции. Соговорниците разговараа за активностите што НАТО ги презема со цел оваа здравствена криза да не премине во безбедносна осврнувајќи се притоа на сè поприсутните дезинформации и начините за справување со нив. Покрај ова, соговорниците изразија задоволство од фактот дека НАТО им дава поддршка на своите земји членки во логистичка и транспортна поддршка за транспорт на медицинска опрема, која е неопходна кај земјите членки, медицински персонал, како и употреба на иновативни технологии за креирање медицинска опрема.
Во таа насока претседателот информира дека повеќе земји членки на НАТО веќе ѝ дадоа помош на Македонија поткрепувајќи го во пракса сојузништвото во справувањето со глобалната криза, како пандемијата на Ковид-19. Северна Македонија е исто така дел од здружениот информативен систем на НАТО преку Центарот за управување со кризи, кој е дел од програмата на НАТО, наречена Next generation incident system, која служи за подобра размена на информации и подобра соработка меѓу институциите во земјата.
На крајот, соговорниците договорија засилена комуникација помеѓу надлежните институции во претстојниот период, како и размена на информации во делот на справувањето со пандемијата на Ковид-19 и организираните кампањи за ширење лажни вести. Заеднички беше констатирана потребата од здружување на силите и нагласена солидарност меѓу сојузниците со цел успешно справување со кризата, која има не само здравствена туку и социјална и економска димензија.