Ширењето на коронавирусот во Германија, но и во светот, предизвикува несигурност и неизвесност кај граѓаните, но охрабрувачки вести пристигнуваат од Центарот за вирусологија во Бон од каде ги соопштија првите резултати од истражувањето за вирусот, направено со цел да може добро да се процени ситуацијата.
Студијата спроведена од лекарите во овој Центар откри дека коронавирусот не се задржува во воздухот, што значи дека не може да се вдише, исто така не останува на овошје, зеленчук, леб, туку главниот пат за пренесување на инфекцијата е преку капки, пренесува босански „Аваз“.
Ова може да се случи преку директен контакт со заразена личност, а често и преку контакт со рацете, така што по контакт со заразен човек се допираат носот и лицето…
На површини како пластика, метал, вирусот останува максимум три часа по што се суши, додека во вода останува подолго.
Според студијата, коронавирусот долго време опстојува на ВЦ школки, мијалници, во кујната и на сите влажни површини бидејќи влагата го одржува во живот.
Она што граѓаните треба да го знаат е дека останува и на облека, но дефинитивно досега не е пријавен случај на инфекција преку алишта.
Засега, единствен докажан метод на пренесување на вирусот е директен контакт со заразено лице.
Носењето маски и раквици е индивидуална одлука на секој човек, но нема потреба од тоа, особено доколку одржувате доволно растојание од луѓето и ако редовно ги миете рацете при враќање дома.
Истражувачите велат дека луѓето кои страдаат од акутна респираторна инфекција, а мора да се двжат надвор, треба да носат маски за лице, бидејќи ова би било корисно за да се намали ризикот од инфекција со капки од кашлање или кивање на други луѓе.
Како и кај грипот и другите акутни респираторни инфекции, експертите препорачуваат да се одржува растојание од еден до два метра од другите луѓе, особено оние кои имаат одредени симптоми како кивање или кашлање.
Германците со оптимистички прогнози: бројот на заболените опаѓа, јасна слика до Велигден
Лотар Вилер, претседател на германскиот институтот „Роберт Кох“, верува дека стапката на смртност од коронавирусот во Германија, која моментно изнесува 0,8 проценти, ќе продолжи да расте, но вели дека е оптимист бидејќи бројот на заболените опаѓа.
Вилер изјави дека германската стратегија за борба против коронавирусот ќе продолжи и понатаму, а тоа се самоизолација, како и заштита на најранливите категории на населението. Тој исто така рече дека Германија ќе продолжи да ги зголемува болничките капацитети.
Сепак, тој предупреди дека пандемијата може да трае со месеци, а не со недели.
– Секој што мисли поинаку го потценува ризикот. Ќе имаме чиста слика дури по Велигден – рече Вилер.