Денес кај нас овој занает е во изумирање, а подразбира изработка на черги, патеки, дисаѓи, вреќи, торби, но и делови од облека и постелнинa, вели Тарабунова

Изработка на черги е еден од најстарите занаети кај нас и се нарекува мутавџиството, а подразбира и ткаење разни патеки, дисаѓи, вреќи, торби, но и делови од облека и постелнина. За жал, денес кај нас овој занает изумира и егзистира само во Старата скопска чаршија и во руралните средини, а во последно време и во школите за ткаење на разбој.
– Ткајачницата е вистински репрезент за македонската култура, со своите специфични бои и форми, иако кај нас се ткаело најмногу за домашни потреби. Инаку, занаетот во глобални рамки е стар колку и човечката цивилизација, како една од најосновните потреби, да се покрие телото и да се заштити од надворешни влијанија – вели Христина Тарабунова, која е една од ретките што го одржува пулсот на мутавџиството кај нас.
Во минатото овој занает бил најразвиен во неколку града како: Прилеп, Охрид, Скопје, Кратово и Дојран.
– Идејата за ваков начин на изразување кај мене се роди кога се присетив на своето детство и на моментите поминати со стрина ми Јулија, која ме учеше на парче ќерамида сама да си правам черги за куклите – вели Тарабунова.
Според неа, процесот на изработка е доста макотрпен и долг, бидејќи мутавџилакот подразбира познавање повеќе етапи на изработка – од предење, кледисување, ткаење, сновење од шиење – а пред сѐ треба да се биде креативен.

– Се почнува со стрижење на овците и перење на волната. Потоа таа се влачи или растресува, при што се одделува долгата „власна“ волна од кратката „штима“. „Власната“ волна потоа се користи како основа, а по нејзиното одделување таа се преде и на крајот се бои. Порано се користеле природни бои изработени од самите ткајачки, кои биле многу стабилни и не бледнееле лесно. А за добивање на боите се додавале кори или корења од разни билки, и тоа: ореви за кара (темнокафена – црна боја); индиго за модросина боја; кромидот за жолто-кафените нијанси и крмезот за црвените. Подоцна, за да се добие саканата нијанса се користеле синтетичките бои – ни објасни Христина.
Начинот на кој таа ги работи своите черги, се разликува од традиционалниот начин на изработка.
– Користев готови дрвени рамки, на кои сама ковав метални клинци, па мотав коноп за да си направам разбој каде што ќе можам да ги ткаам лентите текстил и алуминиумска фолија, за да добијам готов ѕиден украс, кој пренесува посебна порака до публиката – вели таа.
Во Македонија чергите се изработувале исклучиво на хоризонтални разбои, поради чија тесна основа тие се ткаени во повеќе дипли (парчиња), а процесот на спојување на диплите барал посебна умешност од ткајачките. Најмногу биле користени за сите делови во куќата, иако можете да ги сретнете и по црквите и манастирите како и дел од разни прослави и церемонии. Целокупната работа е творечки чин при што се изразуваат креативноста и естетските афинитети на авторот.

 

– По војните се случува масовната индустријализација на производството, а
оттаму и фасцинацијата од модерното и од глобалното. Преку свеста за современата урбана култура и за вредностите на традиционалните занаети, лесно ќе ја воочите мојата желба за повторно оживување на старите техники на изработка, кои, за жал, денес не го добиваат посакуваниот интензитет. Ми се смачи третирањето на чергите како мртов музејски експонат, па решив да ги инкорпорирам во модерниот жив ентериер. Изработив традиционални елементи, што можат да се вклопат во нашите домови, вкупно 13, и неодамна ги изложив во кафе-барот „Излет“ во Скопје. Ова беше моја втора изложба, но прва од хуманитарен карактер, па решив да поканам уште неколку млади артисти да ѝ се приклучат на акцијата – раскажува Тарабунова.
Христина е горда што со своите изработки придонесува овој редок занает повторно да се возобнови.
– Во сите нас е изворот на животот и денес е особено важно да ги негуваме вистинските вредности. Со негувањето на овој занает сè уште чука срцето на мутавџиството на нашите простори. Иако денес заинтересираноста е сѐ уште мала, сепак не смееме да дозволиме тоа да изумре – додава Тарабунова.