Илон Маск им соопшти на вработените во Тесла дека не мора да доаѓаат на работа ако се болни или загрижени за вирусот
Автор: Марк Матушек
Бизнис инсајдер
Илон Маск, извршниот директор на „Тесла“, вчера во циркуларна електронска порака до вработените соопшти дека не треба да доаѓаат на работа ако се болни или загрижени за новиот коронавирус. „Бизнис инсајдер“ дојде до електронската порака.
Во соопштението Маск јасно порачува дека „ако не се чувствуваат добро или се вознемирени, да немаат обврска да дојдат на работа. Тој лично ќе биде на работното место, а за вработените е во ред да останат дома од каква било причина“.
„Тесла“ претходно им порача на вработените кои не се чувствуваат добро или некако биле изложени на коронавирусот да ја известат компанијата и да останат дома, но ова да не го практикуваат оние кои само се загрижени. Маск вчера соопшти во електронската порака дека не е запознаен дали некој вработен во компанијата е позитивен на ковид-19, но ако состојбата се промени, компанијата ќе реагира. Тој исто така смета дека стравот на јавноста од коронавирусот може негативно да се одрази со тоа што премногу ресурси ќе се пренасочат од онаму каде што се најпотребни.
– Искрено сметам дека штетата од паниката за коронавирусот далеку ја надминува онаа од самиот вирус. Ако се случи масовно пренасочување на медицински ресурси непропорционално со опасноста, тоа ќе резултира со помалку достапна нега за критичните медицински случаи што не е во ничија корист – порача тој.
Но Маск генерално имаше посериозен став кон коронавирусот за разлика од објавата на Твитер од 6 март, во која стравот од вирусот го нарече „смешен“ и ги предупреди вработените во „Тесла“ да внимаваат на опасноста од собирање во помали и поголеми групи.
– Иако се апелира за јавните собири, сепак внимавајте и на семејните средби, затоа што она што е релативно безопасно за децата, за постарите лица може да не е така – изјави тој.
Маск исто така истакна дека вебсајтот на Центарот за контрола и спречување на болести е „одличен“ и броењето на потврдени случаи на коронавирус во САД „треба одблиску да се следи“. Тесла не одговори веднаш на барањето за коментар.
Електронската порака која Маск ја испрати до вработените во „Тесла“ се разликува од онаа што во петокот ја испрати во „Спејс екс“ каде што исто така е извршен директор. Маск соопшти до вработените во „Спејс екс“ дека шансите да умрат од ковид-19 се значително помали отколку да загинат во автомобилска несреќа – споредба која наиде на критики кај здравствените експерти кои изјавија за „Базфид“ дека тоа било неточно и го пренасочувало вниманието од напорите да се ограничи ширењето на коронавирусот.
На почетокот од оваа година, коронавирусот ја принуди „Тесла“ кратко да ја затвори фабриката во Шангај и нејзините продавници ширум копнена Кина. Вирусот исто така го наруши синџирот на испорака на „Тесла“, што го натера производителот на електрични автомобили да го вгради стариот софтвер за опцијата „автопилот“ во кинескиот „модел 3“ на седан. „Тесла“ предупреди во нејзиниот скорашен годишен извештај дека здравствената епидемија како коронавирусот може финансиски негативно да влијае врз компанијата.
Превод: Билјана Здравковска