Откако изминатиот викенд имаше зголемен број на потрошувачи со зголемени набавки на прехранбени, санитетски и други производи, како резултат на паниката кај граѓаните од вирусот Ковид 19, инспекторите се на терен со цел да се направи контрола за безбедноста и за функционирањето на супермаркетите согласно последните препораки на Владата.
Министерот Крешник Бектеши информираше дека Министерството за економија согласно Законот за трговија има надлежност да интервенира со мерки за замрзнување на цените на одредени производи се со цел да не дојде до ценовни шокови.
– Нема место за паника за обезбедување на основни прехранбени производии. Согласно податоците кои што ги има Министерството за економија сакам да ги информирам граѓаните дека има доволно залихи и нема потреба кај граѓаните да прават зголемени домашни залихи на храна. Се создава гужва во супермаркетите со што се зголемува можноста од ширење на заразата од Ковид 19 вирусот. Ние како Министерство за економија согласно одредбите на Законот за трговија предложивме до Владата мерки за замрзнување на цените на основните производи за да не дојде до ценовни шокови. Овие мерки ќе се разгледаат на седницата на Владата која ќе се одржи денеска.Нашата главна цел е да ги заштитиме граѓаните, но мора да се има во предвид дека Северна Македонија е увозно зависна земја и ние неможеме да влијаеме на увизните цени, но сепак имаме во предвид мерки и можности да реагираме за да не дојде до големи ценовни шокови – потенцираше министерот Бектеши.
Министерот ги повика граѓаните да ги почитуваат препораките на владата за заштита од Коронавирусот, но и да ги почитуваат правилниците на супермаркетите се со цел да останат заштитени од ширење на вирусот.
Во однос на тоа што Пазарниот инспекторат изминатиот викенд во вондредни контроли на терен затвори неколку кафулиња и ресторани кои не ги почитувале владините мерки и работеле иако тоа е забрането, Бектеши посочи дека инспекторите на Државниот пазарен инспектрат се 24 часа на терен и работат интензивно, но повика на поголема свесност кај сопствениците на трговските субјекти и порача дека сите кои нема да ги почитуваат мерките ќе бидат казнети согласно Кривичниот законик.