За сите оние добронамерници и обични посетители фасцинирачка беше глетката на огромниот број велосипедисти, од најмали до највозрасни, за нивниот ентузијазам, упорноста и љубовта кон велосипедизмот
Околу илјада вљубеници во планинскиот велосипедизам и исто толку планинари минатиот викенд пристигнаа во селото Мрежичко за да бидат дел од третото издание на манифестацијата „Допри го сонцето – АЛШАР 2018“, во организација на кавадаречкото здружение „Тиквешки точакџии“.
Прекрасна дружба, голем број активности, забава и награди беше заедничкиот именител на викенд-дружбата на вистинските љубители на планинскиот велосипедизам буквално од цела Македонија, за што сведочеше и трикилометарската колона од паркирани возила на пристапниот пат кон селото Мрежичко. Организаторите заедно со сите свои пријатели и спонзори беа одлични домаќини и уште еднаш ја потврдија кавадаречката гостопримливост. Централниот фестивалски ден се случи во неделата, а исто како и минатите две години почна со македонската химна и со кавадаречките пешии. Пред стартот на трите велосипедски тури и две планинарски, на присутните им се обратија Лазар Трајков од „Тиквешки точакџии“, градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, кој исто така беше дел од велосипедските тури, и ректорот на универзитетот „Гоце Делчев“, Блажо Боев. Целата убава дружба ја зачини и присуството на најдобрата кавадаречка петнаесетка, легендарниот кавадаречкиот кошаркар Горан Самарџиев, кој им се обрати на учесниците и им посака среќа. Во Мрежичко го видовме и Петар Ангелов-Диви, македонската ракометна легенда, како и актерите Зоран Љутков и Игор Ангелов, кои им се придружија на велосипедистите.
За сите оние добронамерници и обични посетители фасцинирачка беше глетката на огромниот број велосипедисти, од најмали до највозрасни, за нивниот ентузијазам, упорноста и љубовта кон велосипедизмот. Доброто расположение и позитивната атмосфера не ги наруши ни поројниот дожд, па така еден од учесниците коментираше: „На кавадарчани не им е потребно сонце за топлиот пречек“.
По враќањето од турите учесниците беа пречекани со вкусно гравче и свежо точено македонско пиво, а за забавата се погрижија диџеј Дане Маџиковски и модераторите Душко Стефанов и Видан Станоев, кои, покрај многубројните поделени награди, благодарение на многуте спонзори, измамија насмевки кај присутните. Како главни награди беа доделени четири велосипеди со амблемот „Алшар 2018“, кои ги обезбедија месната заедница на селото Мрежичко, „И-Ка спорт“,„Екстрим бајк“ и „Тиквешки точакџии“.