Голот на Карлос Тевез на мечот против Гимназија, за победа со 1-0 во последното коло од сезоната, на Бока јуниорс ѝ ја донесе титулата фудбалски првак на Аргентина. Тевез (36), кој го постигна деветтиот гол сезонава на 17-те натпревари, пред мечот го бакна Диего Марадона, легендата на Бока.
– Чувствував дека треба да го бакнам Диего, тоа беше за среќа. Повторно бев гладен за слава, едноставно морав да се вратам во моето соседство, морав да се изборам со многу работи како кога бев дете. Две-три години се борев сам со себе, ми беше многу тешко да им се вратам на корените, таму каде што припаѓам. За среќа, се пронајдов во вистинско време – изјави Тевез.
Големиот ривал Ривер плата имаше еден бод предност пред последното коло и со победа ќе ја освоеше титулата, но одигра нерешено, 1-1, на гости кај Атлетико Тукуман.
За Бока јуниорс ова е трета титула во последните четири години, вкупно 34-та, две помалку од Ривер, кому му се реваншира за поразот во финалето на Копа Либертадорес во 2018 година и во полуфиналето лани.