Во основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ во општината Кисела Вода целосно е опремена и веќе пуштена во употреба сензорна соба за деца со посебни образовни потреби. Од Кисела Вода информираат дека Ротари клуб Скопје – Свети Кирил и Методиј, во соработка со Ротари клуб Скопје – Вест и „АРС ламина“, целосно ја реновирале просторијата со опрема наменета за деца со развојни нарушувања и аутизам, кои се инкорпорирани во редовната настава на основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“.
Во сензорната соба, како што се нарекува, поставени се нова електрична инсталација, ЛЕД-светла, кои позитивно влијаат врз децата со посебни потреби, и нов гипс-картон. Исто така, поставени се нови прозорци, подлоги, а украсени се и ѕидовите со различни видови лепенки, што дополнително создава попријатна атмосфера за работа и престој на овие деца. Освен донациите од „Лајонс клаб“, во ова училиште биле донирани и дидактички материјали, играчки и разни реквизити, кои ќе бидат од корист за учениците со аутизам и пречки во развојот.