Звончар особено им се радува на писмените вежби, на кои доаѓа до израз неговиот талент, вели наставничката Стојаноска-Станоеска

Осмоодделенецот Талијан Звончар од прилепското ОУ „Кочо Рацин“ е многу успешен, комуникативен ученик, кој, како што вели неговата наставничка по македонски јазик Габриела Стојаноска-Станоеска, е најактивен на часовите по македонски јазик.
Звончар особено им се радува на писмените вежби на кои доаѓа до израз неговиот талент за пишаниот збор. Умее да креира текст што ги воодушевува и соучениците и наставничката, со неговата целина, со идеите, но и со посветеноста на деталите.
Стојаноска-Станоеска објаснува дека Звончар одбирал посебни зборчиња, ги украсувал речениците и особено за пофалба се неговиот хумор и позитивен став во врска со секоја тема. Неговата посветеност на пишаниот збор се потврдува со големиот број награди што ги освојува низ годините. Последна е освоената прва награда за песна на литературното читање на слободна тема што по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик го организира Детската амбасада за сите деца во светот.

Песната „Го сакам овој свет во кој љубовта е дар“ на Звончар го плени жирито и тој заслужено се закити со првата награда.

– Љубовта кон пишаниот збор кај мене се појави уште од најмали години. Кога ги слушав приказните и бајките, веднаш имав моја идеја за некоја нова приказна. Во прво време само усно им ги соопштував на моите најблиски, па откако се описменив почнав да пишувам и да творам. Во мојата прва збирка раскази „Разговор со дрвото“ беше оживеан ликот на мојот покоен дедо Тале. Подоцна како навлегував во тајните на литературата сфатив дека повеќе можам да се изразам преку стиховите и песните. Досега имам освоено низа награди, меѓу кои втора награда на „Рациновите средби“ во 2017 година, награден сум и од здружението „Литературни творци“ – Прилеп, и тоа неколку години по ред, во 2017, 2018, 2019 година. Објавени се мои творби во повеќе зборници, меѓу кои во 2019-та во „Детски шепот“ од група ученици – ни рече ова амбициозно и талентирано момче.

Тој додаде дека љубовта за пишување и творење и понатаму ќе му биде предизвик за уште многу нови создадени песни, кои се надева дека ќе најдат простор во неговата прва збирка поезија.

Но Талијан е активен и на други полиња. Негов омилен спорт е кошарката. Седум години другарува со топката, а од минатата година е дел од извидничкиот клуб „Феникс“. За него тоа е голем предизвик, бидејќи, како што вели, природата и поезијата се во хармонија во неговото секојдневие. 


Го сакам овој свет во кој љубовта е дар

Го сакам овој простран, убав свет,
– ширното небо на птицата в лет.
Сакам насмеани лица насекаде да има,
само ведрина и сонце во очи, а не ладна зима.

Во мојот свет, синевина и сонце зрачи
без солзи и тага – само љубов значи!
Свет, полн со љубов, радост и детска песна,
исполнети желби и мисла човечна, лесна.

Визиите за мојот свет ги посакувам силно,
верувам само такви сили ќе го движат
новиот свет, милно.
Во секое срце знам ваква желба тлее
само позитивни сили и ведрина да се сее.

Светот поубаво место за живот да биде,
само така, среќата на сите ќе се види!
Убавина, среќа, смеа од секаде да блика,
за светот да ни роди поубава слика.

Сите да бидат радосни, а не тажни,
да нема насмевки лажни.
Затоа што сите на светов
сме исто важни!

Во светот околу нас животот лета
љубовта насекаде ко цвеќе цвета.
Луѓе весели, тажни со различна мака
љубовта нѐ учи секој да се сака.

Љубовта е убавина, божја волја силна
таа ни ја покажува ѕвездата милна.
Со љубов во срцето, животот е лесен
таа го прави секој човек добар, чесен.

Човекот е роден да љуби, да сака
со љубовта во срце силна, нема мака.
По патот на животот само љубов да нѐ следи.
Човечката љубов никогаш нема да избледи.

И нашето другарство љубовта го води
ко спомен го чува низ морето што броди.
Секогаш низ животот таа нѐ учи:
Ако љубовта во срцето куќа нема
тогаш доброто од човека таа го зема.

Талијан Звончар