Сараево – Српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, порача дека нема да потклекне на новите притисоци и закани, а најави завршување на политичката кариера само кога народот нема да гласа за него. Додик за медиумите во Сараево одговори на изјавата на американскиот претставник за Западен Балкан, Метју Палмер, кој рече дека „сите ќе имаат последици“ ако се поддржи идејата за излегување на Република Српска од Федерацијата БиХ. („Фејс ТВ“)
Подгорица – Директорот на Даночната управа на Црна Гора, Миомир М. Мугоша, соопшти дека таа институција почнала контрола во сите верски заедници поради долгови. Според него, ако Црногорско-приморската митрополија има долг, ќе мора да го плати доброволно, во спротивно наплатата ќе биде принудна. Мугоша на својот профил на Твитер напиша дека „даночниот долг за 38 пријавени свештеници на митрополијата надминал 300.000 евра и дека вкупниот долг се проценува дека е повеќемилионски“. Според него, митрополијата има неколку компании основани од неа и неколку отворени жиро-сметки во комерцијалните банки преку кои поминале десетици милиони евра во изминатите неколку години. („Вијести“)
Софија – Бугарија продолжува напорно да работи за приклучување кон еврозоната, напиша бугарскиот премиер Бојко Борисов на социјалната мрежа Фејсбук, по објавувањето на добрата прогноза за Бугарија од страна на меѓународната кредитна агенција „Фич“. Таа го потврди долгорочниот кредитен рејтинг на Бугарија во странска и локална валута БББ со позитивна перспектива.
– Прифаќањето на еврото е во корист на бугарските граѓани и на бугарскиот бизнис. Исто така, тоа е фундаментално за позитивниот развој на нашата економија – тврди Борисов.
Бисер балкански
„Велком ту Џермани“
– Трендот на иселување од БиХ ќе продолжи, а на изборите и на референдумот наскоро ќе нема кој да гласа. Ова се гледа според дневната читаност на текстовите на „Дојче веле“ , еден ден откако Додик го почна одбројувањето на рокот од 60 дена за спроведување на наводниот референдум за РС-егзит и текстот под наслов „Германија сака повеќе работници од Балканот“ , кој беше десетпати почитан од текстот насловен „Додик: Гудбај БиХ , велком РС-егзит“. Додека тој сонува за РС-егзит, граѓаните очигледно сонуваат за „Велком ту Џермани“. Граѓаните масовно ја напуштаат земјата. Нив повеќе ги интересира новиот закон за доселување на стручната работна сила во Германија од некоја приказна за референдум – напиша Зорица Илиќ во авторскиот текст објавен на „Дојче веле“.