Швеѓанецот за една недела двапати го собори светскиот рекорд во скок со стап, кој од саботата е 6,18 метри, со што го засили статусот на предводник на новиот бран суперталенти во атлетиката. Откако го однесе скокот со стап на нови височини, Дуплантис (20) се соочува со прашањето дали може да биде следниот Усаин Болт за атлетиката, пишува Би-би-си. Тој е во својата прва година како професионалец, а е светски рекордер во категориите од седум до 12 години, а потоа од 17 години до сениори
Младиот Швеѓанец, Арманд Дуплантис (20), постави нов светски рекорд во скок со стап, вторпат во само осум дена. Дуплантис, кој е роден во САД, а настапува под шведско знаме (мајка му е Швеѓанка), уште во првиот обид на атлетскиот митинг во сала во Глазгов (Шкотска) прескокна 6,18 метри, подобро за еден сантиметар од скокот што тој го направи една недела претходно во Торун, Полска. До пред десетина дена светски рекордер со 6,16 метри беше Французинот Рено Лавиление, прескокнати во Доњецк (Украина), во февруари 2014 година.
– Ова беше прекрасно натпреварување. Имаше толку многу позитивна енергија од публиката што ми помогна да ја прескокнам таа височина. Олимписките игри се најголемиот спортски настан и таму би сакал да бидам во најдобрата форма – рече Дуплантис.
Тој го засили статусот на предводник на новиот бран суперталенти во атлетиката. Начинот на кој прескокна 6,18 метри, за што доби паричен бонус од 30.000 долари, сугерира дека веројатно ќе има многу нови исплати на негова сметка.
– Тоа е најдобриот дел од секундата што може да постои. Сѐ се подготвува за тој краток момент, а тој краток слободен пад е магичен момент – рече Дуплантис, опишувајќи како се чувствувал во моментот кога бил над пречката, пренесе „Гардијан“.
Откако го однесе скокот со стап на нови височини, Дуплантис се соочува со прашањето дали може да биде следниот Усаин Болт за атлетиката, пишува Би-би-си. Тоа е големо прашање, особено за 20-годишен спортист во својата прва година како професионалец. Сепак, Дуплантис, како син на скокач со стап од светски ранг (татко му Грег скокна 5,80 метри), скока од својата тригодишна возраст. Неговиот светски рекорд во Полска минатиот викенд се случи 13 години по неговиот прв – во категоријата до седум години. Дуплантис е светски рекордер во категориите од седум до 12 години, а потоа од 17 години до сениори.
Неговите родители, мајка му Хелена и татко му Грег, се неговите тренери. Грег Дуплантис се натпреваруваше во златната ера на скокот со стап во 80-тите и 90-тите години на минатиот век, кога Сергеј Бубка го соборуваше светскиот рекорд како од шега, пишува Би-би-си. Личниот рекорд на Грег е височина што неговиот најмлад син ја надмина кога имаше само 17 години со скок од 5,90 м во април 2017 година. Три години подоцна, Мондо во Глазгов додаде 28 сантиметри на тој резултат, со што се катапултира во улогата на наследник на Болт.
– Позицијата во која сум, никогаш не сум ја замислувал, луѓето да ми зборуваат за предводење на целиот спорт. Јас сум само натпреварувач во скок со стап, тоа е толку уникатна дисциплина. Многу го сакам вниманието што го привлекува овој спорт, затоа што сакам да скокам со стап. Да се постави скокањето со стап на мапата само за една секунда е остварување на сонот. Најдобар начин да продолжите да го правите тоа е да скокате навистина високо – вели Мондо за Би-би-си.
Бубка: Новата генерација, со вистинска техника, може да прескокне и 6,5 метри
Брзината е едно од најсилните оружја на Арманд Дуплантис, светскиот рекордер во скок со стап. Тој трча 100 метри за 10,57 секунди, а верува дека е во состојба да трча за 10,4 секунди. Со помош на неговата мајка, диететичарка, Дуплантис направи, и многу профитира, неколку мали промени. Прво, ја исфрли пржената храна што толку ја сака. Нов концепт – зеленчук.
– Мондо никогаш не уживал во зеленчукот. Тој само ќе го преместеше на страна на чинијата. Сега внесуваме еден по еден зеленчук – вели Хелена.
Можеби и еден по еден зеленчук и еден по еден сантиметар? Токму „модус операнди“ (начин на работа) на Бубка беше да се подобрува светскиот рекорд еден по еден сантиметар, пишува Би-би-си. Тој го собори светскиот рекорд 35 пати (17 пати на отворено, 18 пати во сала) за време на неверојатната кариера, во која освои и едно олимписко злато и шест светски титули.
Кога Бубка ја заврши кариерата светскиот рекорд го постави на 614 см, што и денес е најдобар резултат на отворено, иако од 2000 година светските рекорди се водат без разлика каде се постигнати. Бубка, за „Олимпискиот канал“ лани, изјави дека новата генерација скокачи со стап, со вистинска техника, може да постигне височини и до 6,3, 6,4, 6,5 метри.