„Медена земја“ не успеа да го освои „оскарот“ во првата категорија во која е номиниран – за најдобар документарен филм, на 92-то свечено доделување на престижните филмски награди, кое се одржува ноќва во театарот „Долби“ во Лос Анџелес.
Фаворизираниот „Американска фабрика“ беше прогласен за најдобар документарец во конкуренција на „Медена земја“, „Пештерата“, „Работ на демократијата“ и „За Сама“. Златната статуетка ја додели холивудскиот актер Марк Рафало.
„Медена земја“ е првиот документарец номиниран за „оскар“ во две категории – за најдобар документарец и за најдобар странски филм, со што испиша историја.
Документарниот филм во режија на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска е третото остварување од Македонија номинирано за „оскар“ по „Пред дождот“ на Милчо Манчевски и „Дае“ на Столе Попов.