Со двата капитални проекти на МЕПСО, нов 400 киловолтен далекувод што ќе ги поврзува електропреносните системи на Северна Македонија и на Албанија и новата 400/100 киловолтна трансформаторска станица во близина на Охрид, вредни 35 милиони евра, со поддршка на Европската банка за обнова и развој, во полна функција ќе биде ставен електроенергетскиот коридор исток-запад што значи транзит на струја од Бугарија, преку земјава и Албанија до Италија – истакна техничкиот премиер Оливер Спасовски во своето обраќање на настанот по повод потпишувањето на договорите на АД МЕПСО со „Енергоинвест“ од Босна и Херцеговина и со „Кончар“ од Хрватска, за изведба на овие проекти.
Тоа значи, објаснува Спасовски, дека електро-енергетските преносни системи на овие наши пријателски земји ќе бидат поврзани и ќе се стекнат со можност да се надополнуваат едни со други секогаш кога за тоа ќе има потреба.
– Во целиот овој процес МЕПСО е клучната за соодветна енергетската инфраструктура за да се обезбеди квалитетно и непрекинато снабдување со електрична енергија на стопанството, кое е еден од најважните предуслови за економски раст и развој на Република Северна Македонија. Без да се инвестира во енергетскиот сектор не можеме да зборуваме за раст и развој. Без вложување во модернизација на електромрежата, не може да се зборува за просперитетна држава, за систем што создава подеднакви услови за сите – нагласи тој.
Спасовски потенцираше дека Владата давала, дава и ќе продолжи да дава безрезервна поддршка на МЕПСО за зголемување на преносниот капацитет на мрежата, за модернизација на електроенергетските постројки и за изградба на нови објекти во преносната мрежа на Република Северна Македонија.
– Со овој инвестициски циклус со кој се модернизира преносната мрежа на МЕПСО, ќе се зацврсти положбата на оваа компанија, која и сега е столб на сувереноста на Република Северна Македонија во енергетска смисла. Инвестираме во мрежата. Воведуваме европски и светски трендови во електроенергетската дејност, го либерализиравме и го развиваме пазарот на електрична енергија – истакна премиерот Спасовски.
На настанот по повод потпишувањето на договорите на АД МЕПСО со „Енергоинвест“ од Република Босна и Херцеговина и со „Кончар“ од Република Хрватска за изведба на овие проекти, беше нагласено дека со овие инвестиции се подига степенот на стабилноста на електроенергетските системи за подобра продуктивност што е од интерес за домашните и странските инвеститори кои имаат придонес во растот на економијата.
Во исто време, таа е и силен партнер со соседните електроенергетски системи и на тој начин, и преку МЕПСО, Македонија е поврзана со регионот, но и со цела Европа.
– Оваа инвестиција е порака до сите домашни и странски инвеститори, сегашни и идни, дека создаваме одлични услови за работа и потврда на тоа дека сите потреби на електрична енергија ќе бидат задоволени. Нашата држава има клучна улога во регионалното енергетско поврзување и оттука оваа инвестиција е од огромно значење не само за нас, туку и за цел регион – рече министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.
Свое обраќање имаше и генералната директорка на акционерското друштво, Ева Шуклева.
– Договорите за изведба на двата исклучително значајни капитални проекти се реализација на стратешките определби на МЕПСО, како национален електропреносен систем оператор. Нашата задача е многу одговорна и истовремено благородна. Во континуитет да обезбедуваме доверлив и стабилен систем, баланс меѓу потрошувачката и производството на електрична енергија во секој момент. И тоа да го усогласуваме со соседните систем-оператори. Регионалното поврзување на електропреносните системи е долгорочен стратешки интерес за секоја држава. Врските со соседите значат електроенергетска стабилност, основа за секоја просперитетна економија. Нашата работа е токму тоа – нагласи генералната директорка на АД МЕПСО Ева Шуклева.