Со документите што ќе бидат донесени утре, целосно се регулира заштитата што ќе трае десет години. Вредностите што се констатирани и валоризирани на Маркови кули треба да се зачуваат во автентична форма, и не помалку важно е овие вредности да се стават во функција на културна и туристичка експлоатација
Во постапка за донесување е планот за управување со заштитеното подрачје Маркови кули како со споменик на природата. За таа цел, Институтот за старословенска култура – Прилеп, кој управува со локалитетот, и Министерството за животна средина, утре организираат две јавни расправи за два документа. Првата за стратегиската оцена за заштитеното подрачје и втората по планот за управување со споменикот. Со планот се предвидува никој да не смее без одобрение на Институт за старословенска култура – Прилеп да презема какви било активности на комплексот со површина од 4.000 хектари.
– Јавната расправа за стратегиската оцена на животната средина најнепосредно е поврзана со планот за управување со споменикот на природата Маркови кули. Во документот се антиципираат можните проблеми при планирањето и ставањето во функција на планот за управување, и на овој начин се добив алатка што би ги елиминирала можните проблеми во заштитата и надградбата на споменичните вредности на просторот. Другиот стратегиски, суштински документ, со кој се заокружува управувањето со заштитениот простор е планот за управување во кој се два основни сегмента. Првиот се однесува на идентификување и валоризирање на природните и на културните содржини на овој простор, а вториот сегмент е системот на управување со заштитеното подрачје. Првиот сегмент е аналитичен и се заснова на природните и на културните вредности на овој простор, а во вториот, суштински и оперативен сегмент, се дадени основните четири зони на управување за дозволените активности за заштита и за зачувување на автентичните вредности и нивното ставање во функција за културна промоција и за туризам – вели Бранислав Ристески, директор на Институтот за старословенска култура.
По јавната расправа, Министерството за животна средина и просторно планирање е обврзано финалната верзија да ја одобри за натамошно усвојување. На седница на советот, Институтот го усвојува планот за управување и станува законска рамка за управување со заштитеното подрачје. Со документот, целосно се регулира заштитата што ќе трае десет години. Вредностите што се констатирани и валоризирани на Маркови кули треба да се зачуваат во автентична форма, и не помалку битно е овие вредности да се стават во функција на културна и туристичка експлоатација.
Заштитеното подрачје на Маркови кули, освен површината од околу 4.000 хектари, опфаќа и намалку девет културни споменици, меѓу кои се: манастирите „Трескавец“, „Архангел Михаил“, горниот град на средновековниот Прилеп, цивилниот сегмент на средновековниот Варош, потоа црквите „Свети Димитрија“, „Свети Никола“, црквата „Свети Петар и Павле“, потоа, црквата „Свети Атанас“ и црквата „Свети Богородица Пречиста“ и цела низа споменични комплекси.