Волстрит џурнал
Автор: Редакција на „Волстрит џурнал“
Неконвенционалната дипломатија на Трамп веќе се забележува во Израел и на Балканот
Од медиумското известување за блискоисточните мировни напори на администрацијата на Трамп предводени од Џаред Кушнер ќе заклучевте дека Белата куќа ќе ја отфрли палестинската држава и нема да бара отстапки од премиерот Бенјамин Нетанјаху. Сепак, планот што вчера беше претставен во Белата куќа е многу попромислен. Неговата главна цел е официјално прифаќање на решението за две држави, а политичките импликации за Нетанјаху уште не се јасни.
По историски стандарди се работи за произраелски план. Според него, Палестинците ќе имаат контрола врз многу помала територија во однос на границите поставени во 1967 година, вклучувајќи и 80 отсто од Западниот брег. Не се наложува евакуирање на тамошните израелски населби, но се бара да се расформира Хамас, терористичката група која ја контролира Газа. Израел ќе ја има контролата врз долината на реката Јордан, која е од клучно значење за безбедноста на источната граница.
Далеку од прифаќање на барањата на израелските жители, планот нуди четири годишна забрана за градење населби на Западниот брег, што наиде на критики кај граѓаните. Поважно е што планот дава политичка поддршка за решението за две држави, кое поддржувачите на Нетанјаху го отфрлија. Исто така се очекува да се изгради брза железничка линија меѓу Газа и Западниот брег, што ќе сигурно ќе наиде на противења кај израелските агресивни безбедносни политичари.
Медиумите го опишаа планот како „подарок“ за Нетанјаху пред следните парламентарни избори во Израел што ќе се одржат во март, но поради дел од него премиерот може ќе сака да се заштити од десничарските елементи во неговата коалиција.
Признавањето на дел од израелската територијална експанзија по 1967 година само ги одразува промените во политичката реалност откако Палестинците ги одбиваа сите мировни договори. Ниеден сериозен човек во Израел не очекува дека ќе бидат срушени големите станбени блокови. Во меѓувреме, Израел има невидена поддршка од арапските држави од Заливот, кои се обединија против Иран и повеќе не го толерираат одбивањето на Палестинците.
Дипломатскиот пристап е неконвенционален. Обично целта на САД беше да се притиснат Израелците и со пари да се поткупат Палестинците. Наместо тоа, сега администрацијата на Трамп храбро го поддржа Израел, вклучувајќи го и преместувањето на американската амбасада во Ерусалим, и сака остатокот од светот да ги убеди Палестинците да се соочат со реалноста.
Овој пристап веројатно ќе биде неуспешен како и претходните обиди, но понекогаш вреди да се употребат неконвенционални дипломатски методи. Минатата недела администрацијата на Трамп придонесе за малку познатиот дипломатски напредок на Балканот со тоа што Србија и Косово се согласија да го обноват транзитот меѓу двете држави што беше замрзнат уште од војните во 1990-тите години.
Србија не го признава Косово и нема доверба во САД кои интервенираа во 1999 година за да го заштитат Косово. Сепак, европски поддржаните преговори не дадоа резултати, а Трамп за специјален пратеник го назначи американскиот амбасадор во Германија, Ричард Гренел. Наместо политички и територијални спорови, Гренел се фокусираше на деловните интереси. Германскиот авиопревозник „Луфтанза“ се согласи да започне со летови меѓу двете држави што е мал но значаен чекор кон нормализирање на односите.
Стабилноста на периферијата на Европа и Палестинската држава се главни теми на разговор за меѓународниот естаблишмент отколку за популистичките поддржувачи на Трамп. Сепак критичарите не треба да ги занемаруваат напорите на администрацијата во решавањето на овие прашања.
Превод: Билјана Здравковска