Хрватскиот Македонец Горан Калоѓера (2)

Да. Идентитетското докусурување на Македонците драг читателу, сега е и очигледниот обид на нашата квислиншка влада за уривање и на македонско-хрватските пријателски и културолошки мостови, проектирани и градени, како што сугериравме понапред, и со божјо привидение. Оти е тоа така во некои битни, пресудни случаи и настани по судбината на цел еден народ. Во случајот со народот на столченото племе – Македонците. И тоа уривање на тие непроценливо драги и битни, пред сè за Македонците, мостови се случува со динамитот што го подметнуваат под нив, сега во оставка (дај Боже засекогаш) Заев и Димитров. Пред сѐ. Така од нив ѝ беа откажани услугите на срцето и душата на Маја Петир во Европскиот парламент како пријател на Македонија, која таму лавовски се бореше за одбрана на македонското Име и идентитет. За голем срам и понижување на македонскиот народ, кој по грешка и за свое зло ги родил изродите од родот како што се Заев и Димитров. А и што е за нив госпоѓа Петир, која не ги познава основните факти на македонската историја, како што мислат тие. Оти, нели, Заев среде Атина, клекнат на колена бидејќи нема ᾿рбет за да стои исправен, им рече на Грците („Лицем светци, срцем волци“ – Прличев) дека Македонците крадат туѓи истории, а нашиот сегашен, за жалење, претседател (ни претходниот не беше многу поарен) им откри ним дека Гоце, македонската визионерска светлина, да ти бил, ни помалку ни повеќе туку чист етнички Бугарин. Тоа и така. И тие страшни геноцидни по Македонците изјави на премиерот и претседателот останаа без одек и отпор кон нив од страна на македонските интелектуалци. А и да беа сегашните Македонци некој асолен народ, со моќен нагон за постоење (како што, за жал, не се) тие двајцата нив ќе ги собереа во вреќа и ќе ги фрлеа итно во некоја бездна од која повеќе не се излегува на површина. Онака како што го сторија тие двајцата со цел еден колектив што го обезличија и фрлија во бездната на идентитетската смрт.

Тоа е вистината. Ете затоа, драг читателу, јас толку многу бев трогнат од енергичниот величествен гест на професорот Горан Калоѓера, доблесниот хрватски Македонец, да ја одбие понудата на Заев и на Димитров да го промовира во Хрватска, како македонски конзул и познат научник македонист, новиот нивен фашистички, геноциден бренд Северна Македонија. Тоа го прави еден сјаен дух и една голема хрватска душа во која се насобрала огромна љубов кон Македонија и Македонците. Сега, кога ги пишувам оправдано емотивно овие редови, пак, драг читателу, природно ми иде во свеста религиската филозофија на индуистичкиот кармизам, на метампсихозата на Индусите за селење на душите, па во склоп на тоа и помислата дека во некој минат живот, веројатно многу близок, професорот Горан Калоѓера можеби бил и Македонец. Македонец, кој таму силно ја почувствувал болката на столченото племе (пак неизбежниот духовен мартир Конески), па во овој живот се потсетува на тоа и со целото свое битие се ангажира за промовирање и одбрана на автентичното македонско битие. Со својот доблесен пример тој им одржа лекција на, пред сѐ, анемичните македонски академици и интелектуалци преполни со морална хипокризија, ситен нарцизам и цревоугодие. Тие што мислат дека потопот, сега во македонската ситуација, нараснат до над глава, доаѓа за други, но не и за нив заседнати во своите сѐ уште удобни академски и универзитетски фотелји. Сѐ до мигот кога потопот ќе дојде и пред нивниот праг и ќе затропа и на нивната врата, а тие немаат како мудриот Ное изградено кораб за спас. А и Кораб и Арарат, (дозволи да се изразам како поет со метафора, драг читателу) коинцидираат со исконскиот идентитет на кој му плукнаа и го заборавија тие. Да. А на тој Кораб и Арарат, кои ги победуваат струите на хаосот се сети сјајниот хрватски Македонец Горан Калоѓера, кој болно емотивно ја доживеа идентитетската трагедија над Македонија и Македонците. Тој енергично ја одби понудата на македонската квислиншка влада на чело со Заев и Димитров да го промовира во пријателска Хрватска геноцидниот бренд Северна Македонија. Во таа смисла тој и му одговори енергично на шупливиот „космополит“ Заев дека Македонија е мултиетничко општество, што значи општество без државотворен народ и национ. Безлична маса што се ниша лево и десно без свест за епицентарот.

Некој би помислил дека човечето, македонскиот Наполеон од Муртино ја обновува идејата на Александар Македонски (без разлика што тој го смета за Грк) за мултиетничко, општо братство меѓу народите. Да, ама со таа разлика, нешто за што не е свесен муртинецот дека Александар не го бришел етносот, идентитетскиот праизвор на ниту еден народ и го ставал на рамниште на Македонците, кои како освојувачи и ширење на македонското царство до врвовите на Хималаите во Индија на исток и пирамидите на Египет на југ не биле силеџии и асимилатори како Римјаните и модерните Европејци и Амерокаубои, за жал, директни наследници на таа културна, ама и енормна варварска империја. Македонскиот концепт на Александар бил вистински космополитски, и тој не се потпирал на обезличување на Македонците во него за сметка на мултиетичноста на неговата светска империја во која тој и Аристотел први во светот го промовираа „природното право и правото на народите“. Не. Човекот од Муртино го промовира мултиетницизмот кај нас, но пред сѐ во корист на една екстраагресивна етничка заедница, ставајќи ја неа на врвот, а миноризирајќи ги преостанатите заедници и обезличувајќи ги притоа Македонците како мнозински и државотворен народ. Токму затоа и реагира доблесно од Хрватска професорот Калоѓера на тој шуплив и со скриен, перверзен мирис мултиетнички концепт на муртинскиот наполеон или, поарно, наполеонче. На својот фејсбук-профил Калоѓера напиша: „Каков мултиетнички народ? Постои македонски народ и национални малцинства во македонската држава.“ Во поткрепа, пак, на тоа тој го цитира Ѓорѓија Пулевски, најзнаменитиот македонски идентитетски светилник и столб во современата македонска историја: „Народ – тоа се луѓе од еден род и кои зборуваат на еден јазик, кои живеат и се дружат меѓусебно и имаат исти обичаи, песни и веселби. Тие луѓе ги викаме народ, а местото каде што живеет народот татковина. Така, Македонците се народ и нивното место е Македонија.“ А, којзнае, драг читателу, дали наполеончето од Муртино и воопшто, занесено со полињата марихуана, и чуло за сјајниот македонски преродбеник?

Во тој контекст Горан Калоѓера реагираше и на варварството со преименување на училиштето во мијачкото село Ростуше што го носеше името на Пулевски, преименувано со качачки бандитизам во името на локален албански бизнисмен! Пулевски, кој, и според него, е првиот наш преродбеник што без двоумење застана на генезата, на праизворот на својот идентитет и, пророчки, небаре ја претчувствуваше идентитетската трагедија на својот род што ќе се случи по него, сугерираше дека Македонците за да се одбранат и да опстанат како народ, имено, треба да се обединат на праизворот, околу Името. Тоа што сега западните и балканските варвари го ставија во мртовечка урна. И тоа го заболе искрено големиот македонски пријател во Хрватска, хрватскиот Македонец Горан Калоѓера. Го заболе и молкот на македонските интелектуалци во врска со тој случај, како и нивната анемичност и незаинтересираност во врска со идентитетската ликвидација на Македонците што ја преспаа без срам. Доколку мене ми е познато, драг читателу, за случајот со варварскиот, качачки бандитски чин во Ростуше кај нас реагираше само „Македонски манифест“. И толку! За тој срамен молк Калоѓера напиша: „Се срамам од моите колеги и пријатели во Македонија што се решија за молк. Тоа е повеќе од жално, но верувајте ми, можам сепак да ги разберам.“ Иако нема за што да се разберат, освен за нивното ситнодушие, конформизам и егоизам. Тие на кои им се доволни само академските и докторските титули, затворени во својата болна нарцистичка корупка. Тоа јас го велам, драг читателу, а не доблесниот хрватски македонољуб, кој сепак не сака никого да повреди кај нас и кому навистина му се иманентни институциите Љубов и Проштевање, кои ги проповедаше Исус, а кои се обиде од Македонија да ги востоличи и апостол Павле со Лидија Македонката во паганска Европа. Без разлика што таа и понатаму остана со својот волчи варварски нарав, маскиран во јагнешка кожа на лажната демократија.

Но при крај сме. Да заклучиме, драг читателу. За молкот на македонските интелектуалци во врска со нашата идентитетска катастрофа во некоја друга колумна. Оти тие сакати со морал интелектуалци можат да се колнат, и честопати и се колнат во априорните кантовски категории на моралот и етиката, но никогаш и никој од нив во името на тоа немал храброст да ја испие кукутата како Сократ во доказ за тоа. Никој не се најде јунак, како што би рекол Гоце (етничкиот Бугарин на Пендаровски), да застане храбро спроти црната чума на Македонија. Против, во случајот, страшната идентитетска катастрофа што ни се случи, и сѐ уште е во тек за да ги дотамани докрај Македонците, да го избрише секој еден идентитетски знак во нивната меморија. Да ги идиотизира и зомбира нив, нешто што се вклопува во корпоративниот глобалистички проект на западните моќници лакоми за материјален профит. Тие што му се поклонуваат само на богот на доларот и што ги убиваат сите знаци на светото и светлината, она што го насети Хелдерлин уште пред околу две и пол столетија и болно ламентираше за таа загуба на модерниот западен човек. Нашите интелектуалци со прст не мрднаа пред опасноста, која, пак, како што вели германскиот поет, го раѓа и спасоносното. Слободата. Но за таа спасоносност е потребна саможртва, а ние не бевме сега, како гнила генерација, способни за тоа, како што беа илинденците и асномците на чие херојство и саможртва, прости ми драг читателу, им се помочавме. Жално! Наместо силен отпор нашите интелектуалци од Македонци се согласија да преминат, без око да им трепне, во Северни. Си ги задржаа своите благоугодни академски и универзитетски фотелји, а некои од нив, како и порано, се вглобија како запченици во тркалото на власта што си го ништи идентитетски народот: станаа советници на претседателот и премиерот, на министри и локални градоначалници. Итн. До бескрај.

Така. Но затоа во Хрватска се јави еден храбар и доблесен правдољубец да го брани македонскиот идентитет и да ламентира над идентитетската катастрофа што ги зафати Македонците, а македонските интелектуалци останаа анемични пред нејзиното торнадо. Тој доблесен хрватски Македонец, како што го најавивме уште во насловот на оваа наша колумна, драг читателу, се вика Горан Калоѓера. Повторувам, за да не го заборавиш неговото име. За неговата безгранична и храбра љубов кон Македонија, верувам, Македонците еден ден ќе му се оддолжат исто така достоинствено и со почит, како што тој го заслужува тоа. Оти ќе дојде некоја подоблесна и похрабра генерација Македонци по нас, кои се покажавме гнили и недостојни за името Македонија. Тоа треба да го знаеш, драг читателу!

(крај)