Германската канцеларка Ангела Меркел го поддржува балканскиот „мини-шенген“ и е убеденa дека овој процес ќе добие поголема поддршка – изјави денеска албанскиот премиер Еди Рама по средбата со канцеларката.
Рама за албанскиот „Топ Ченал“ изјави дека Меркел ја смета оваа иницијатива за многу значајна, како и фактот дека кон неа се приклучиле три држави со цел да биде сеопфатна, и оти се очекува да се придружат и други земји од регионот.
– Иницијативата не е ништо друго освен спроведување на нешто што е веќе договорено за време на берлинскиот процес, што канцеларката го охрабрува и е многу заинтересирана. За жал, во Приштина не сакаат да разберат и ја претвораат оваа тема во полемика за тоа кој е предавник, а кој е патриот – рече Рама, додавајќи дека процесот ќе продолжи со поддршка на ЕУ, Германија и САД.
Премиерот на Албанија, исто така, како значајно го оцени писмото кое е потпишано за обновување ба авио-сообраќајот на релација Белград Приштина, за кое рече дека е постигнато со силна поддршка на специјалниот пратеник Ричард Гренел.
– Тука станува збор и за обнова на железничкиот сообраќај, што најпрво го поздравија оние кои го поддржуваат и балканскиот мини-шенген – додаде Рама.