Додека учениците ги користат последните денови од зимскиот распуст, наставниците им ги пополнуваат евидентните листови, кои ќе им ги доделат на почетокот на второто полугодие, кое почнува утре. Нови евидентни листови за описно оценување се објавени на веб-страницата на Бирото за развој на образованието, од каде што наставниците можат да ги преземат, да ги пополнат и да ги испечатат. Родителите само ќе можат да ја погледнат и прочитаат содржината во евидентниот лист, но немаат право да го задржат, бидејќи тој треба да остане во училиштето како дел од педагошката евиденција што ја водат наставниците.
Деновиве во основните и во училиштата за средно образование се одржуваат наставнички совети на кои се потврдуваат успехот и поведението од првото полугодие.
– Периодов ги пополнуваме евидентните листови со успехот и поведението на учениците за првото полугодие. Истовремено, имаме обврска и за пополнување на електронскиот дневник, во кој мора да стојат сите податоци за учениците и наставата што ги има и во пишаниот дневник. Сега, откако почнавме на работа, секој наставник си ја средува и училницата и се подготвува за второто полугодие – вели наставничка во едно скопско основно училиште.
Инаку, оваа година има описни полугодишни оцени за учениците во четврто, петто и во шесто одделение. Во Бирото за развој на образованието објаснија дека имаат направено упатство според кое на родителите ќе им се објасни секоја текстуална оцена, на која бројчена оценка одговара, за да имаат појасна претстава за тоа каков успех постигнале нивните деца. На крајот на учебната година, за децата во овие одделенија оценувањето ќе биде бројчено.
Паралелно со другите административни обврски, сите наставници имаат обврска да го пополнат и електронскиот дневник. Во практика често се случува системот да паѓа или да се губат податоци, па затоа тие внесуваат информации во него навечер, кога системот не е толку оптоварен. Технички проблеми има откако е воведен системот од пред неколку години.
Освен што се појавуваат проблеми при внесувањето податоци, исто така родителите престанаа да добиваат СМС-известувања за неделните постигања и поведение на нивните деца.
Во Министерството за образование и наука рекоа дека ова ќе се промени и дека од почетокот на второто полугодие се очекува родителите повторно да бидат известувани на своите телефони за оцените и изостаноците на нивните деца, заради подобро информирање и увид.
– Порано се случуваше да добивам една иста порака по неколкупати. Содржината на пораката беше дека во текот на изминатата недела син ми имал нула изостаноци, но сега во последнава година не добивам никакви известувања. Тоа беше добро, бидејќи поактивно имав увид во состојбата со изостаноците и оценките – вели Билјана Ангеловска, мајка на четвртоодделенец.
Инаку, електронскиот дневник минатата учебна година воопшто не функционираше, наставниците не можеа да го користат затоа што надлежните не можеа да најдат фирма што ќе го ажурира и одржува системот.