САД имаат само неколку дена да избегнат трговска војна со своите сојузници и на Вашингтон е да направи потег за намалување на тензиите што се појавија по воведувањето американски царини за увоз на челик и на алуминиум од ЕУ, Канада и од Мексико, порача францускиот министер за економија Бруно ле Мер.
По состанокот со министрите за финансии на Г7 во канадската провинција Британска Колумбија, Ле Мер истакна дека Унијата има намера да преземе контрамерки поради новите тарифи на САД.
– Сѐ уште имаме неколку дена да преземеме неопходни чекори да избегнеме трговска војна меѓу ЕУ и САД, односно трговска војна меѓу членките на Г7 – предупреди Ле Мер.
Тој истакна дека сега „топката е кај САД“ и од американската администрација зависи дали ќе донесе вистински одлуки за да се подобри ситуацијата и да се избегнат проблеми.
Од друга страна, пак, германскиот министер за финансии Олав Шолц порача дека несогласувањето на ЕУ со САД за царините врз челик и алуминиум на средбата на Г7 ќе ја засили политичката волја на државите-членки за забрзување на реформите во сојузот.
– Имаше неколку проблеми дискутирани на средбата на Г7 за кои немаше договор. Тоа е навистина невообичаено во историјата на Г7 – наведе Шолц.
Шолц порача дека треба да се искористи секоја можност да се реши спорот за царините меѓу ЕУ и САД вклучувајќи ја и претстојната средба на лидерите од Г7 во Квебек, на која се очекува да присуствува и американскиот претседател Доналд Трамп.