Во земјите на Европската Унија 44 отсто од постарите лица се вакцинираат против грип, при што бројките се различни за секоја држава. Во Македонија, пак, последните две години постои тренд на зголемување на интересот за вакцинација против грип кај лицата постари од 65 години, а причината за тоа е државната новина за бесплатна вакцинација на оваа категорија граѓани
Во земјите на Европската Унија 44 отсто од постарите лица се вакцинираат против грип. Иако статистичките податоци покажуваат дека меѓу земјите-членки на Европската Унија постојат различни политики во однос на постапките за вакцинирање против грип, кои обично се достапни за пошироката јавност, но најчесто се специјално насочени кон постарите групи луѓе или други ризични групи граѓани. И здравствената политика на Македонија е насочена кон бесплатна вакцинација против грип на лицата над 65 години. Затоа, според надлежните од Институтот за јавно здравје, последните две години се бележи интерес од оваа категорија лица за вакцинација против грип. Процентот на вакцинирани лица над 65 години од 6, 5 отсто пораснал двојно повеќе и стигнал до 12 отсто.
Според статистиките на Еуростат, во ЕУ во 2017 година против грип биле вакцинирани повеќе од две петтини од оние лица на возраст над 65 години.
– Меѓу 21 земја-членка за кои се достапни вакви податоци, стапката на вакцинација се разликува. Околу 72 отсто стари лица биле вакцинирани против грип во Велика Британија, со малку помал удел е Холандија или 64 отсто, Португалија со 60,8 отсто и Ирска со 57,6 отсто. Помалку од 10 отсто од постарата популација биле вакцинирани во Летонија и Естонија – пишува во податоците на Еуростат.
Од Институтот за јавно здравје информираат дека изминатите две години постои тренд на зголемување на интересот за вакцинација против грип на лицата постари од 65 години. Причината е државната новина за бесплатна вакцинација на оваа категорија граѓани.
– Интересот особено се зголеми минатата сезона 2018/2019 година, кога државата воведе бесплатна вакцинација против грип за лицата над 65 години, кои имаат потпросечна пензија. Така, тогаш од 262.442 лица над 65-годишна возраст беа вакцинирани 31.159 лица или 12 отсто од вкупниот број лица над 65 години. Претходната сезона 2017/2018 година од 262.442 лица над 65 години биле вакцинирани половина помалку, односно 15.322 лица или 6,5 отсто – велат од институтот.
Оттаму очекуваат бројот на вакцинирани лица да порасне оваа сезона, зашто здравствените власти ја зголемиле квотата на бесплатни вакцини против грип на лицата над 65 години без разлика на висината на нивната пензија, на децата до петгодишна возраст, на здравствените работници и на хронично болните лица.
Од Министерството за здравство информираат дека од средината на ноември почнала бесплатната вакцинација против сезонскиот грип. Оттаму велат дека оваа сезона биле набавени вкупно 28 илјади вакцини, кои се бесплатни и наменети за лица над 65 години, лица со хронични заболувања, деца на возраст од шест месеци до пет години, бремени жени, како и здравствени работници. Центрите за јавно здравје набавиле и 21.000 комерцијални вакцини, кои веќе се достапни за граѓаните. Покрај десетте центри за јавно здравје, во вакцинацијата годинава се вклучени и трите поликлиники: Букурешт, Чаир и Ѓорче Петров при Здравствениот дом во Скопје. Во центрите за јавно здравје вакцинацијата ќе се одвива во две смени, а бесплатната вакцинација во трите поликлиники ќе се одвива во периодот од 14 до 18 часот.
Минатата сезона во државава повеќе од 20 илјади граѓани беа заболени од грип, а 29 лица починаа од компликации од вирусот.