Под слоганот „Десет години заедно – приказната продолжува“, „Моден викенд – Скопје“ ќе навлезе во втората декада од своето постоење. Честа да го отвори дваесеттото издание на настанот ѝ припадна на дизајнерката Ирина Тошева, која го држи рекордот по бројот на учества во изминатите десет години
Дваесеттата сезона на најголемото домашно модно случување ќе се одржи од 1 до 3 ноември во Музејот на градот Скопје, приклучувајќи се кон прославата на 70-от јубилеј на овој монументален објект во метрополата. Под слоганот „Десет години заедно – приказната продолжува“, „Моден викенд – Скопје“ ќе навлезе во втората декада од своето постоење. Честа да го отвори дваесеттото издание на настанот ѝ припадна на дизајнерката Ирина Тошева, која го држи рекордот по бројот на учества во изминатите десет години.
– Почетокот на викендот ќе го означи зимската колекција РЕМ, со нејзин потпис, чиј појдовен мотив се ликовното творештво и надреализмот. Изработката е со еколошки материјали од банана и пченка, како алтернатива за памукот. Таа е дел од поддржаните проекти од национален интерес за 2019 година од Министерството за култура. По неа следуваат ревиските презентации на Кренаре Ругова, добро позната и секогаш добредојдена гостинка од Косово. За обожавателите на концептуалниот дизајн, пак, наградуваната платформа „Иван Асен 22“ од Софија ќе приреди спектакуларно визуелно доживување, со мултимедијален приказ на инсталацијата „+7 часа“ – информираат од „Моден викенд – Скопје“.
Вториот ден сите патишта водат најпрво кон железничката станица, од каде што перспективната Теодора Митровска ќе ги испрати посетителите на модно патување низ минатото, во соработка со брендот за обувки „Артурс шус“. Програмата во Музејот на градот Скопје продолжува со ревија на бугарскиот современ и алтернативен бренд „Џар енд Џем“, чии лимитирани парчиња облека во нијанси на бонбони се наменети за сладокусците со младешки и игрив дух. Од друга страна, модната визија на младата дизајнерка Зана Алиу е оваа сезона да покаже зошто црната боја е совршена хармонија на елегантното.
– Првите чекори на домашната сцена вечерта ќе ги направи Мила Спасовска под етикетата „Јамуна“, дебитирајќи со самостојната колекција „Текстура на умот“, која дефинира стихија на сопственото јас. Потоа на модната писта ќе се одигра заедничкиот перформанс на талентираните учесници од проектот „Нитка“, кои научија различни техники на плетење и ги преведоа на модерен начин во своите дизајни – велат организаторите.
Третиот ден е резервиран за студентите од Академијата за моден дизајн во склоп на „Џолев и уметностите“ и „Сеавус едукативен и развоен центар“, кои ќе се претстават со групна ревија, во која се преточени индивидуални дизајнерски приказни под менторство на професорот Никола Ефтимов.
– Наталија Терзија премиерно ќе ја промовира линијата за спорт-глам облека „Терзија мувмент“, проткаена со минималистички комфор и доза на футуризам. Како претпоследна, имагинацијата за есен-зима 2019/2020 пред публиката ќе ја прикаже и Сара Реџиќ. Крајот е резервиран за колекцијата „Е!Моушн“ на „Гоу бај Олгица Георгиева“, поддржана од „Мерц специал“, козметичката линија за убавина, чија палета на производи гарантира целодневна нега, свежина и здравје на кожата, косата и на ноктите – додаваат од „Моден викенд – Скопје“.