Граѓаните се изненадени од кампањите со кои Агенцијата за храна и ветеринарство се обидува да ја информира јавноста за правилното чување и третман на храната во домаќинства, додека нејзините продавачи се однесуваат како никој да не ги контролира
Сечкање сувомесни и млечни продукти на иста машина, без притоа да се испочитува правилото за чистење на машината, како и сечење свежо месо и сувомесни месни продукти со ист нож и на исто место се дел од поплаките на неколку граѓани што се јавија во нашиот весник. Тие укажуваат дека иако постојат одредби, голем дел месарници и маркети каде што се продаваат прехранбени продукти не ги почитуваат правилата. Токму затоа граѓаните се и изненадени од кампањите со кои Агенцијата за храна и ветеринарство се обидува да ја информира јавноста за правилното чување и третман на храната во домаќинства, додека нејзините продавачи се однесуваат како никој да не ги контролира.
– Редовно пазарам месо и сланина од локалната месарница и, иако во неколку наврати му посочив на продавачот дека не треба да ги сече свежото месо и чадената сланина со ист нож и на иста површина, тој ги игнорира моите забелешки. Проблематично е што по сечењето на месото без какво било чистење на ножот сечка и сланина или други сувомесни производи – вели Николина Тумбарева од скопската населба Капиштец.
Но таа не е единствената што се пожали на несоодветниот третман на овие продукти. Со слична поплака се јавија и други граѓани, кои, пак, посочуваат на несоодветно сечкање на сувомесни производи и млечни продукти.
– Купувавме поголемо количество сувомесни продукти и кашкавал за една домашна прослава. Иако не ми се допадна фактот дека различните сувомесни производи беа сечкани на истата машина, сепак не изреагирав. Но кога видов дека и кашкавалот го сечат со неа, без притоа да ги заменат ножевите или да ги измијат, им реков на вработените дека тоа не е во ред, на што ми одговорија дека претходно ги чистеле, а сега брзале да ме услужат. Ако не ги почитуваат правилата додека гледаме, како е кога не гледаме – прашува еден повозрасен граѓанин.
Тој додаде дека воопшто не им верувал на одговорот, истакнувајќи дека ова му се случило во еден од големите синџири на маркети, напоменувајќи дека потоа веќе не се вратил и престанал да ги посетува тие продавници, оти смета дека чистотата е најзначајна кога е во прашање храната.
Врз основа на Законот за безбедност на храната и правилниците што произлегуваат од него, месарниците се должни да имплементираат и применуваат правила за добра производствена и добра хигиенска практика (ДПП/ДХП). Овој систем на правила, освен на производите и материјалите што доаѓаат во контакт со храната, се однесува и на персоналот, објектите и опремата.
– Опремата треба да биде соодветна и добро одржувана чиста и дезинфицирана. Во зависност за која категорија производи се работи, вработените во месарниците треба да користат посебен нож за свежо месо, посебен нож за полутрајни или трајни производи од месо. Ако претходно се користел нож за сечење свежо месо, тој треба да се исчисти и дезинфицира пред да се користи за сечење друг тип производи. За полутрајните и трајните производи вообичаено се користи слајз-машина, која на крајот од работниот ден, или по потреба, се чисти и дезинфицира – објаснуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Од АХВ додаваат дека во месарниците се прават редовни контроли предвидени по годишен план и програма, а по потреба и вонредни инспекциски надзори. За утврдени нерегуларности и непочитувања на законските одредби следуваат соодветни мерки, а во зависност од тежината и видот на прекршокот, предвидени се и глоби до 5.000 евра во денарска противвредност.
– Нерегуларности за работењето на овој тип објекти граѓаните можат да пријават на бесплатниот телефонски број 0800 3 2222, да поднесат претставка во писмена форма преку архивата на Агенцијата за храна и ветеринарство или електронски на [email protected] – додаваат од Агенцијата.
Претставниците, пак, на Организацијата на потрошувачите на Македонија истакнуваат дека до нив поплаки во однос на храната има многу малку, помалку од два проценти од сите поплаки. Притоа додаваат дека од овие поплаки најголем дел е за производи со поминат рок или производи со несоодветна декларација и напоменуваат дека досега немале поплака во однос на работата на месарниците и поплаки од хигиенски прашања.
– Во вакви ситуации, потрошувачите треба веднаш да контактираат со шефот или друг претпоставен во продажното место и да го запознаат со проблемот. Апелираме до потрошувачите, доколку на самото место увидат дека месарот им сече месо со инструмент што не е соодветен во согласност со хигиенските стандарди, да одбијат да го купат месото, односно да не го земат, па потоа да се жалат, туку да се жалат веднаш на самото место. Во согласност со Законот за заштита на потрошувачите, не е предвидено некое посебно право што може да го остварат потрошувачите во вакви ситуации, освен да се пожалат и да одбијат да го купат производот – појаснуваат од ОПМ.
Од организацијата додаваат дека надлежен државен орган за оваа проблематика е Агенцијата за храна и ветеринарство.