Разговор на тема „Соседи – соочување со сегашноста“ утре со почеток во 19 часот ќе се одржи во Младинскиот културен центар во рамки на фестивалот „Друга приказна“, и во организација на издавачката куќа „Готен“ во соработка со здружението „КРОКОДИЛ“ од Белград и „Сепирок“ од Будумпешта.
Како дел од програмата на разговорот ќе биде прикажан филмот „Untravel“ на Никола Мајдак и Ана Недељковиќ, а ќе бидат претставени и фотографии на Игор Чоко. Учесници во разговорот се Искра Гешоска (Македонија), Ана Недељковиќ (Србија), Румена Бужаровска (Македонија), Денеш Крушовски (Унгарија). Модератор на разговорот е Владимир Јанковски.
Главната цел на проектот „Соседи – соочување со сегашноста“ е да ги вклучи уметниците и интелектуалците во интензивна дебата за современите околности во различни земји во регионот (Унгарија, Србија, Македонија) со цел да се влијае врз развојот на литературните и уметнички релации, отворањето на границите, како и да ги засили оние што се заинтересирани за културата, да ја промовира културата на дијалогот, помирувањето и повторното изградување на скршените врски особено во регионот на Западниот Балкан во релацијата со Централна Европа и земјите од Европската Унија од соседството, во момент на силен подем на конзервативизмот и новиот бран на етничко и национално повлекување поттикнати од економската криза и миграциските бранови од Средниот Исток низ Балканската рута (Грција-Македонија-Србија-Унгарија) кон политички и економски постабилните земји од Западна Европа.