По изјавата на градоначалникот на општина Сарај, Блерим Беџети, дека премиерот Зоран Заев му се јавил и побарал од него да влијае врз членовите на Судскиот совет за менување судија, се огласи и премиерот. Тој на својот Фејсбук напиша дека разговарал со Беџети за многу работи, меѓу кои и за шпекулациите во јавноста дека некој го штити Јово Вангеловски во Судскиот совет.
– Јас разговарам со сите градоначалници кога се работи за проблеми на општините и посебно проблеми кои ги загрижуваат граѓаните, а за кои може да помогне владата. Со градоначалникот на општина Сарај, Блерим Беџети разговарав за проблемот за експанзија на дивоградби на Матка. Барав да се постапува по закон и низ институциите на системот. Тоа го бараат и граѓаните и тоа ќе го обезбедиме затоа што тоа е работа на јавните институции. Работа на градоначалникот е да работи во интерес на граѓаните, а не да брани дивоградби. Должност на секој е да работи и постапува исклучиво по закон. А, за работата на ДКСК судат токму тие кои ја плаќаат нивната работа, а тоа се граѓаните. Не е објективно за работата на ДКСК да судат тие против кои има предмети – стои во дел од Фејсбук-објавата на Заев.
Вистината за тоа што јас сум разговарал со Беџети како координатор на правниот тим на ДУИ е следна: Сум зборувал за многу прашања кои се значајни за добивање датум на преговори со ЕУ. Сме зборувале за сѐ уште неизгласаниот Закон за јавно обвинителство, за донесените закони за судови и судски совет, но и како да придонесеме донесените закони да се имплементираат, да профункционираат. Со него сум зборувал дека сите учесници во правосудните институции, а избрани во Парламентот, треба да бидат пример за другите учесници во правосудството и да носат одлуки, а не поради било какви изговори постојано да ги одложуваат одлуките, констатира премиерот Заев.
– И денеска го повторувам ставот дека правната држава можеме да ја добиеме онаква каква што сите ја посакуваме единствено ако овозможиме слободно и независно да одлучуваат сите учесници во правосудството, без да им се прави притисок за суштината на нивните одлуки, но секако и без да им се дозволи или да им се прави притисок за одложување на одлуките. Беџети, политичарите и граѓаните добро знаат дека постојаното одложување на одлуките во судскиот совет, во врховниот суд, во апелационите судови како и во основните судови низ државата се една од најсериозните причини за бавното враќање на правната држава и делењето на правдата – вели првиот човек на Владата.
Дополнително, со Беџети зборував и по повод шпекулациите во јавноста дека некој го штити Јово Вангеловски во Судскиот совет. Ме интересираше дали има вистина во тоа и му укажав дека не е умесно такво однесување, доколку постои. Секој треба да ја понесе својата одговорност согласно закон, без оглед на функцијата која ја врши. Тоа му го кажав на Беџети, тоа го кажувам и јавно, заврши Заев.
Јас разговарам со сите градоначалници кога се работи за проблеми на општините и посебно проблеми кои ги загрижуваат…
Posted by Zoran Zaev on Вторник, 13 август 2019