Политичарите и надлежните често знаат да изјавуваат дека има реална потреба да се стимулира научната работа, но во практика не гледаме дека нешто прават за да стане тоа реалност. Ситуацијата е сѐ полоша, а дека е тоа така предупредуваат и универзитетските професори и истражувачи, кои оценуваат дека третманот на науката не бил полош во изминатава деценија и повеќе, и истакнуваат дека со невложувањето, државата полека ја уништува науката
Македонија е земја со најмал буџет за наука споредено со земјите во регионот, односно за оваа дејност се издвојуваат само 0,2 отсто од БДП. Буџетот за наука секоја година се намалува. Политичарите и надлежните често знаат да изјавуваат дека има реална потреба да се стимулира научната работа, но во практика не гледаме дека нешто прават за да стане тоа реалност. Ситуацијата е сѐ полоша, а дека е тоа така предупредуваат и универзитетските професори и истражувачи, кои оценуваат дека третманот на науката никогаш не бил полош во изминатава деценија и повеќе, и оценуваат дека со ваквата незаинтересираност и невложување, државата полека ја уништува науката, а со тоа се фрла и бумерангот, кој ќе се скрши на главата на државата.
Професорите на Институтот по хемија беа истражувачите што објавуваа најмногу научни трудови во меѓународни списанија со импакт-фактор. Цели 30 отсто од сите објавени трудови во сите области, беа токму на професорите од овој институт. Денес ситуацијата е повеќе од загрижувачка. Професорите издвојуваат пари од свој џеб за да ги купат потребните хемикалии, за да можат да истражуваат најосновни нешта и за да можат некако да работат и да функционираат. Ако некогаш хемичарите беа локомотивата на високото образование и науката, денеска се на опашката, само поради тоа што државата го сведе на минимум финансирањето за оваа дејност. Главната кочница за развој на научноистражувачката дејност се парите и поради тоа работите едноставно не можат да тргнат напред. Државата го изгуби својот интерес за генераторот за просперитет и одржлив развој – за науката!?
Проблем број два: нема подмладок на институтите! Истражувачи односно професори заминуваат во пензија, а на нивно место не се вработуваат млади луѓе. На хемискиот институт пред неколку години имало 45 вработени професори и асистенти, а сега таа бројка е 20. Во времето кога Рената Дескоска беше министерка за образование и наука, во новиот закон за високо образование имаше член што предвидуваше по автоматизам да се прими ново лице кога професор ќе замине во пензија, со што трајно ќе се решеше овој проблем, но со смената на министрите ова се изјалови и никогаш не стана практика.
Токму еден од клучните проблеми е недостигот од млад кадар, нешто што е проблем и на факултетите. На пример, тоа е мака и на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), институција од која ретко кој останува без работа, откако ќе се стекне со потребното образование, бидејќи е струка што е барана на пазарот на трудот. Реалноста зборува дека се потребни две нешта – млади луѓе што ќе се вработат да истражуваат и обезбедување проекти за да можат тие да истражуваат.
Што да се прави? Неопходна е поддршка од државата за добивање средства за да може да се развива научноистражувачката работа. На ФИНКИ има неколку проекти и во согласност со новиот закон за високо образование ангажирани се демонстратори од пари на факултетот, кои истражуваат во рамките на нивните магистерски и докторски студии, но тоа не е доволно. Факултетското раководство се труди да обезбеди софтвер за симулации, купува лиценци секоја година, но тие вложувања се далеку од доволни. На суперкомпјутерот се работат симулации, се прави машинско учење, се прават анализа на биг-дата и климатски симулации, но тоа е нешто што засега не наоѓа практична примена. Од друга страна, во време кога информатичката технологија е во подем и е популарна индустрија, тешко е да се задржат младите истражувачи да работат на факултетот.
Реалноста зборува дека се потребни две нешта – млади луѓе што ќе се вработат да истражуваат и обезбедување проекти за да можат тие да истражуваат. Неопходна е поддршка од државата за добивање средства за да може да се развива научноистражувачката работа
Можеби светла точка е што на Институтот за хемија има студенти. Но тоа е така затоа што државата издвојува високи суми за стипендии за да го задржи интересот, во спротивно, веројатно ретко кој би студирал таму. Во конкурсот за доделување стипендии, за студентите запишани на студиски програми по хемија, физика и математика, се предвидени по 18.000 денари месечно, а парите ги добиваат во текот на академската година, која трае девет месеци. Другите студенти зависно од категоријата, добиваат од 3.300 до 6.000 денари месечно. Студентите на хемија секоја година освојуваат и награди на светско ниво. Последен нивен успех се двата бронзени медали што ги добија неодамна на натпреварот што се одржа во Париз. Но студентите по хемија, сепак, се само еден сегмент од целата приказна во која многу поголемо внимание и финансиски средства, секако, треба да се одвојат за базната наука и истражувачките проекти.
Во право е долгогодишниот професор на Институтот по хемија Виктор Стефов, кој вели дека базната наука се уништува, а таа е моторот. Политичарите треба да го послушаат неговиот совет за излез од, како што вели, ова очајно пропаѓање, а тоа е да седнат на иста маса претставници на МАНУ, претставници на интеруниверзитетска конференција, заедно со премиерот и министерот за финансии, да ги согледаат реалните проблеми и да најдат начин како да се решат, бидејќи тие се единствените во државата што имаат моќ да го решат тоа.
Во Стратегијата за образованието 2018 – 2025, која ја објави Министерството за образование и наука, јасно се наведени конкретните проблеми и предизвици кога станува збор за науката во Македонија. Но она што недостига, е волја да се променат условите. Оти важноста на развојот на науката во целина, во и надвор од државата, е важна за развојот на државата во сите сегменти.