Италија денеска соопшти дека ќе им дозволи на 116 мигранти заробени со денови на пристаништето на Сицилија да го напуштат италијанскиот брод, со што ќе стави крај на своето последно несогласување со Европската Унија за нејзината миграциската политика.
Италијанскиот министер за внатрешни работи, Матео Салвини, изјави дека постигнал договор со ЕУ, Германија, Франција, Португалија, Луксембург и со Ирска да ги преземат барателите на азил што беа спасени на море минатата недела.
Бродот на крајбрежната стража „Бруно Грегорети“ минатиот викенд доби дозвола да се закотви, но не и да замине од сицилијанското пристаниште „Августа“. Властите на Сицилија отворија истрага за благосостојбата на мигрантите на бродот, а медицинскиот персонал, кому му беше дозволено да го посети бродот, откри дека 116-те лица на бродот морало да делат еден тоалет.
Додека на децата им беше дозволено да заминат на почетокот на неделава, Салвини одби да им дозволи на другите да го напуштат бродот сè додека другите европски земји не понудија да ги примат азилантите.
– Италијанските власти го кршат меѓународното право во кое се вели дека спасувањето завршува кога спасените лица ќе го напуштат бродот на безбедно пристаниште- изјави Елиза де Пиери, истражувач во „Амнести интернешнл“.
Салвини ги отфрли критиките на социјалните медиуми велејќи дека во ситуација кога милиони Италијанци бараат работа, негова должност е да го ограничи бројот на мигранти во земјата.