Победникот на Купот на Македонија од 6 август ќе има висински подготовки на Копаоник, потоа следуваат настапи на два силни меѓународни турнири, во Русија и во Србија, почетокот на домашната сезона е во првата недела на септември, а европската во октомври
Победникот на Купот на Македонија во ракомет, Металург, синоќа во салата „Автокоманда“ ги почна подготовките за новата сезона, под водство на новиот тренер Дамир Стојановиќ.
Металург деновиве ќе тренира во својата сала, а потоа од 6 август една недела ќе ги реализира висинските и базични подготовки на Копаоник (Србија). Потоа се предвидени учества на два силни меѓународни турнири, прво кај Чеховски Медведи (Русија) од 15 до 19 август, а потоа во Кањижа (Србија) од 22 до 25 август.
Домашната сезоната за Металург треба да почне на 7 или на 8 септември со меч од првото коло од македонската Суперлига, но претходно ќе треба да се договори и термин со првакот Вардар за одигрување на мечот од Суперкупот на Македонија. Металург сезонава ќе се натпреварува во Купот на Европската ракометна федерација (ЕХФ), од третото коло, во октомври.
За новата сезона тимот ќе биде со поинаков состав од тој што го освои трофејот во минатата сезона. Од клубот заминаа деветмина, а му пристапија Лука Вујовиќ (од Ловќен), Милан Поповиќ (Пелистер), Реваз Чантурија (Струга), Маријан Мариќ (Зрински), Даниел Ѓорѓески (Пелистер), Иракли Кбилашвили (Одеса) и Дејан Пецаковски (Еурофарм Работник). Од Металург информираат и дека неколку млади ракометари ќе бидат префрлени од Металург 2, но се најавуваат и можни нови засилувања пред почетокот на сезоната.