Антиупатства за лична употреба
Со годините, сѐ повеќе разбирам, сѐ повеќе сум свесен колку е скапоцено пријателството. Дрво на дрво се потпира, човек на човека, во сите годишни времиња и во сите животни доби. И кога сте најнерасположен, разговорот со добар пријател радува. Во љубовта, во нејзиното опстојување и хранење, спонтаноста на пријателството е онаа заштита што како памукче го обвива понекогаш преостриот дијамант на страста.
Во односот кон професијата, пак, кога писателот се спријателува со својот занает, тој тешко може да го напушти. Единствено Рембо, тој величествен проклетник, го отфрлил без пардон, но во неговиот случај, иако со извонредни резултати, станува збор за пубертетска фаза во вљубувањето, па и бруталната одлука да ја занеми поезијата во себе и да се оддаде на трговија со оружје може да се сфати како задоцнет постпубертетски каприц. Но наспроти него, постојат безброј примери на автори, кои му се предаваат на својот занает со доживотна приврзаност. Флобер, Чехов, Ман, Булгаков, Џојс, Фокнер… речиси сите мои омилени писатели во својот занает имаа најблизок, „вечен“ пријател. И кога минуваа низ мачни искушенија, и кога нивното творештво се вреднуваше со сомнеж, тие безрезервно беа врзани за пишувањето.
Покрај неопходното пријателство со својот занает, на писателот му е потребен книжевен сродник, човек со кој заемно ќе ја пријателуваат предаденоста во професијата. Што во книжевниот живот не е ни малку лесно. Тука отсекогаш демнат борби со суети, сплетки и озборувања, во нашата државичка уште поприсутни и поотровни. Понекогаш на човек не му останува ништо друго освен слатко или горчливо да се насмее на измислиците и глупостите што кружат за него. Во тој мочурлив свет, добро е да се сретнеш и да другаруваш со вреден сопатник. Зашто, „годините се сѐ повеќебројни – пријателите сѐ помалобројни“, вели Момо Капор, пријателите ни ги крадат нивните сопруги, нивните деца, работата, странството, смртта. И професијата, особено оваа писателската, може да стане сурова кон пријателството. Сојузништвата тука се градат и растураат според моменталните интереси, желбата за (квази)успех, често толку комична меѓу писателите може да раскара, понижи, да ги обезвредни претходните доверливи дружења. Понекогаш птицата на фантазијата што лета во секој писател станува пресметлива птица на која ѝ е најважно не како да ја достигне височината, туку како да стане домашна миленичка на царот (власта, книжевна или политичка). Во едно свое писмо од Петроград до сестра му, Чехов пишува: „Ми приредуваат ручеци и ми пеат лажни пофалби, а во исто време би ме испиле во чаша вода. А зошто? Ѓавол ќе знае. Кога би се убил, би им направил задоволство на девет десетини од моите пријатели и почитувачи“. А Чехов, колку што е познато, освен што е извонреден писател, бил и многу мил и пријатен за дружење. Не само за Толстој, Буњин, Левитан, Горки и многубројните и меѓусебно пријатели (неговата зачувана кореспонденција содржи повеќе од 4.200 писма), но и за т.н. обични жени и мажи, зашто и тој, пред сѐ, бил дружељубив, срдечен човек.
Животот знае да го провери влогот во пријателството. Колку навистина вредело, колку веселите муабети и тивките доверувања воспоставиле цврст мост меѓу две човечки суштества. Зашто, како што вели Емерсон во својот есеј за пријателството: „Единствена награда на доблеста е доблеста, единствен начин да имаш пријател е да бидеш пријател“.