Тезгите со цвеќиња што беа распослани на тротоарот по должината на булеварот Крсте Мисирков, до Бит-пазар, сега ќе бидат поставени на посебно уреден простор зад Поликлиниката „Бит-пазар“.
– Од денеска Скопје добива уште еден цветен пазар. Упатувам молба до нашите сограѓани да помогнат во овој процес на адаптација на новата локација за тезгите на цветниот пазар. Секое купено цвеќе е чекор плус за справување со транзитниот период и можните потешкотии во работењето. Градот Скопје има разбирање дека трговците коишто работат на нелегално поставените тезги вложуваат многу труд за да заработат за основните средства за живот. Затоа, во соработка со „Скопски пазар“ за сите трговци на нелегално поставени тезги на овој потег обезбедивме простор во рамките на „Бит-пазар“ под одредени поволни услови – рече на денешната прес-конференција портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху.
Во делот околу Бит-пазар е предвидено да се оформи нова такси-станица, да се засадат дрвореди, просторот хортикултурно да се уреди и да се постават заштитни столпчиња на тротоарите од двете страни на булеварот. Дополнително, се планира да се уредат и осветлат пасажите во Старата скопска чаршија.