На 5 јули, 23 велосипедисти го почнаа 3.460 километри долгото патешествие со 21 етапа, со надеж дека повеќе луѓе ќе почнат да прашуваат: „Зошто нема женска трка Тур де Франс“?
Многумина во светот страдаат за својот спорт. Тоа се случаите кога се справуваат со дождот и студот надвор, со дополнителната, исцрпувачка вежба во сала или со емоционалната болка по губењето натпревар со тесен резултат итн.
Но што да се каже за оние што три недели се решиле да се изложат на огромни, исцрпувачки напори, без да се борат за некој трофеј или да бидат соодветно финансиски наградени? Станува збор за 23 жени, аматерки-велосипедистки, кои на 5 јули го почнаа истото 3.460 километри долго патешествие, со 21 етапа, со два дена одмор и со надеж дека повеќе луѓе ќе почнат да прашуваат: „Зошто нема женска трка Тур де Франс“?
Еден ден подоцна 176 врвни велосипедисти го почнаа 106-от Тур де Франс, едно од најнапорните светски натпреварувања „иконичен карневал на страдање“ како што го нарекуваат некои. Од 2015-та, група француски велосипедистки, позната под името „Дајте им велосипеди на девојките“ ја поминуваат секоја етапа на Тур, еден ден пред мажите. Годинава првпат на 13-те Французинки ќе им се придружи група од 10 велосипедистки од целиот свет.
– Трениравме како да сме професионалки, но во исто време редовно одевме на работа, некои од нас се и мајки, така што имавме доста работи со кои моравме да се справуваме – вели за Би-би-си, Луиз Гибсон (41), една од петте Британки во интернационалниот тим, која почнала посериозно да вози велосипед пред пет години, откако неколкуте повреди на колкот ја натерале да се откаже од трчањето.
Во тимот што првпат се сретна минатиот четврток во Брисел, покрај петте Британки има три велосипедистки од Австралија, една Американка што живее во Швајцарија и една велосипедистка од Холандија. Тие возат заедно, во сообраќај, на отворените патишта, како и на планинските превои каде што годинава ќе има три завршници на надморска височина од над 2.000 метри.
– Не се натпреваруваме, не бркаме време. Ние сме тим, ќе возиме заедно, ќе си помагаме затоа што знаеме дека ќе има многу болни моменти – вели Гибсон.
За нив ова не е обична и крајно напорна трка, туку начин да се докаже дека ако велосипедистки, аматерки можат да ја завршат трката, тогаш и нивните колешки, професионалки заслужуваат своја грантур-трка. Гибсон вели дека „голем поттик“ да се вклучи во велосипедизмот ѝ биле Летните олимписки игри (ЛОИ) во Лондон во 2012 година, кога била „разочарана“ од малата застапеност на жените во спортот.
– Ние само се обидуваме да им го приближиме и да го нормализираме велосипедизмот на малите девојчиња, за да знаат дека тоа е нешто со што можат да се занимаваат. Тие не треба да бидат ограничени во нивните опции поради фактот дека се од женски пол – вели Гибсон, која има два сина, на 11 и на осумгодишна возраст.
Женска трка Тур де Франс паралелно со машката се возеше пет години, од 1984 до 1989 година. Велосипедиските, по шест во секој национален тим, кои беа аматерки, возеа по 18 етапи и стартуваа неколку часа порано од мажите. Во моментов единствена женска велосипедска трка е еднодневната наречена „Круг околу Франција“ долга 120 километри со вкупен награден фонд од 19.000 фунти (21.120 евра). За споредба, на машкиот Тур вкупниот награден фонд е повеќе од два милиони евра од кои победникот ќе добие 500.000.